Ванчо Костов – Манго, легендарен дефанзивец, капитен на Беласица и репрезентативец!

октомври 18, 2023

Ванчо Костов – Манго, легендарен дефанзивец, капитен на Беласица и репрезентативец. Настапува и за Вардар, Работнички, Тиквеш, Турново, Победа Валандово и Плачковица.

За Беласица во 13 различни сезони има одиграно 229 натпревари со што го дели 10-тото место со Т. Атанасов. Во дресот на Беласица постигнува 14 голови.

Дебитира за Беласица, во јуни 1987 година против Влазними во Ѓаковица, на свои 17 години. Продолжува да игра паралелно и за младинскиот тим на Беласица, а следната сезона 1987/88 игра на 3 натпревари. Во сезоната 1988/89 е во ЈНА. Во сезоната, 1990/91 станува стандарден првотимец и игра на 30 натпревари, а го дава и својот прв гол против Напредок од Кичево. Во следните три сезони игра вкупно на 63 натпревари и постигнува 4 голови. Летото 1994 оди во екипата на Победа Валандово, каде ќе игра со Т. Ефтимов, Н. Танушев и С. Танев.

Победа станува шампион на Втората Македонска лига – Исток, но не и се дозволува да игра во Прва лига. Костов летото 1995 оди во Плачковица. Јануари 1997 година се враќа во Беласица и во следната година и половина игра на 26 натпревари. Летото 1998 одат со Т. Атанасов во Работнички, каде ќе игра една сезона. Летото 1999 оди во Вардар и игра на 7 натпревари во есенската полусезона, за да пролетта 2000 игра за Тиквеш. Летото 2000 се враќа во Беласица и следните три и пол сезони ќе е капитен на Беласица. Ќе одигра 97 натпревари и ќе постигне 7 голови. На 1 август 2001 година,ќе го одигра својот единствен репрезентативен натпревар, на свои 32 години. Со Беласица два пати ќе е вицешампион и два пати ќе игра во купот на УЕФА. Во декември 2003 година го игра својот последен натпревар за Беласица против Маџари во Скопје. Во сезоната 2004/05 игра за Турново, кој таа сезона игра во баражот за влез во Прва лига и игра во 1/2 на купот на Македонија.

Костов ќе остане запаметен како бескомпромисен борец и капитен и предводник на Беласица во борбата за шампионските титули во 2002 и 2003 година. Тој е единствен играч, кој играше во двата златни периоди на Беласица. Во првиот златен период (1978-1990) како младинец на Беласица, а беше капитен во вториот златен период (2000-2003) на Беласица.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ