Струмица ќе биде домаќин на промоцијата на Оперативниот план за вработување на Владата на Република Македонија, која ќе се одржи во среда, 11 јуни, со почеток од 11:00 часот во „Велвет евент центар“ (поранешен Амор Гарден), лоциран во индустриската зона Север.
Овој значаен документ, кој ја претставува визијата и насоките на Владата во делот на вработувањето и економскиот развој, ќе биде презентиран од заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништво, Даниела Димовска, како и заменик директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова.
На настанот се очекува присуство на високи претставници од Владата и ресорните министерства, пратеници, градоначалници, членови на општински совети, директори на јавни институции, како и други раководни лица од јавниот и приватниот сектор.
Промоцијата има за цел да ја информира јавноста за мерките, програмите и поддршката што Владата ја обезбедува во насока на унапредување на пазарот на труд и поддршка на претприемништвото, особено во контекст на локалниот економски развој.