Утревечер започнува Струмички карневал 2026, со „Карневалски денови“ што ќе се одржуваат во периодот од 18 до 25 февруари 2026 година, на повеќе локации низ Струмица.
Свеченото отворање е закажано за среда (18 февруари) во 18:00 часот, со отворање и предавање на клучот кај Општинската зграда на плоштадот „Гоце Делчев“. Истата вечер, во 19:00 часот, во Градската уметничка галерија ќе биде отворена изложба на карневалски маски од Цветко Багачевски.
Во четврток (19 февруари), програмата продолжува со објавување на резултатите од конкурс во 12:00 часот во Библиотеката „Благој Јанков Мучето“, а во 19:00 часот во НУЦК „Антон Панов“ ќе се изведе карневалскиот мјузикл „Аладин и Волшебната ламба“, наменет за мали и големи.
Во петок (20 февруари), во 12:00 часот во Домот на АРМ ќе биде поставена изложба на детски карневалски творби „Карневалот – танц на бојата и радоста“, додека навечер, од 21:00 часот, во хотел „Сириус“ ќе се одржи традиционалниот маскенбал и избор на принц и принцеза, со музика на групата Панта Реи и Ике Де Кока.
Централен настан во програмата е сабота (21 февруари), кога во 18:00 часот ќе започне Интернационалната карневалска поворка, на релација бул. „Маршал Тито“ – плоштад „Гоце Делчев“. Претходно, во 16:00 часот, во Градската уметничка галерија е предвиден прием на FECC и претставници на карневалските групи, а во 21:00 часот на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе следува афтерарти „Сите на нога со Кирил Џајковски“.
Во недела (22 февруари), акцентот е ставен на најмладите: во 11:00 часот ќе се одржи традиционалниот детски карневал на „Прочка“ во спортската сала „АБА“, а во 12:30 часот е најавено детско карневалско дефиле на релација спортска сала „АБА“ – плоштад „Гоце Делчев“.
Во понеделник (23 февруари), во 12:00 часот во НУЦК „Антон Панов“ ќе се одржи прес-конференција со објавување на наградените, во 13:00 часот на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе се реализира традиционалното варење на бел грав, а во 19:30 часот во НУЦК „Антон Панов“ ќе биде отворена изложба на карикатури и афоризми на тема „Карневал“.
Во вторник (24 февруари), во 19:00 часот во НУЦК „Антон Панов“ ќе се одржи доделување на наградите од Карневалската вечер, а во 20:30 часот е најавено карневалско корзо на релација НУЦК „Антон Панов“ – Стара Струмичка чаршија.
Затворањето на карневалските денови е предвидено за среда (25 февруари), со тримерска поворка во 11:00 часот во Старата Струмичка чаршија, проследена со одбележување на тримерските обичаи во 12:00 часот во НУЦК „Антон Панов“, со посна трпеза, настап на „Распеани Струмичани“ и ЗОП „Фолклорна Низа“. Во 13:00 часот ќе следува враќање на клучот од градот во НУЦК „Антон Панов“, со што симболично ќе биде заокружено карневалското издание.
Организаторите упатуваат покана до граѓаните и посетителите да бидат дел од настаните и да ја проследат програмата на локациите предвидени за карневалските случувања.

























