За релативно краток период на официјалниот јутјуб канал, филмот „Златна петорка“ ја достигна бројката од рекордни 100.000 гледачи, претежно Македонци од државата и дијаспората.
„Златна петорка“ е најгледан македонски филм на деценијата и еден од најуспешните македонски филмови.
Според показателите порано тоа беа „Викенд за мртовци“, „Бал-кан-кан“ и „Пред дождот“.
Во Струмица „Златна петорка“ стана дефинитивно најгледан филм во историјата, меѓу другото и заради фактот што се бараше билет повеќе во големата сала на Домот на културата десетина денови по ред.
Инаку, „Златна петорка“ беше прикажан на голем број фестивали на сите континенти и освои 11 реномирани награди од кои пет за најдобар филм. Во светската кино мрежа филмот го видоа околу 80.000 странски гледачи, а во Македонија имаше посетеност близу 17.000 гледачи во кината до моментот додека не беше стопирана неговата домашна дистрибуција. Истовремено беше блокирано и неговото номинирање за Оскар од одредени македонски структури на кои очигледно не им годеа брзиот планетарен успех на филмот и симпатиите од публиката и пошироката јавност.
„Златна петорка“ е во режија на Горан Тренчовски и во продукција на Револутион-Скопје, а во неговата реализација учествуваше одбрана екипа на голем број актери и филмски работници.
Филмот е инспириран од вистинитиот настан за петтемина струмички студенти ликвидирани во 1951 година од УДБА и од слугите на тогашниот комунистички режим.
За овој веќе култен филм беше одржан интернационален научен симпозиум, а потоа излезе зборникот трудови под наслов „Наративните и естетските вредности во филмот ‘Златна петорка’“.
Филмот „Златна петорка“ е преведен и титлуван на сите големи светски јазици, се предава на универзитети и ќе биде прикажан на неколку британски ТВ канали.
Официјален видеолинк кон филмот: https://youtu.be/R3VVWxqoOyE