Уште шест дена рок за целосно нови документи и ознаки на регистрациите!

февруари 7, 2024

Документите со старото уставно име важат уште нецела недела, а регистарските ознаки за исто толку време ќе мора да добијат лепенка со кратенката NMK.

За точно шест дена истекува рокот кој е обврзувачки според Преспанскиот договор, а според кој – треба целосно да се исфрли од меѓународна употреба старото уставно име на државата.

Од Министерството за внатрешно работи сепак сѐ уште нема информација – кога ќе се испорачаат налепниците во станиците за технички преглед.

Претходно, МВР објави информација дека налепниците ќе бидат бесплатни за граѓаните.

Во меѓувреме, уште денес граѓаните можат без закажан термин да се фотографираат во привремениот пункт кај ПС „Пролет“. Од утре ќе се закажува и за таму, но само на телефонскиот број, а интернет-закажувањето барем неколку дена ќе биде оневозможено.

Сликата пред привремениот пункт во полициската станица „Пролет“ е ваква со денови наназад.

Проблемот со пасошите денес е ставен и на владина седница. Се очекуваат мерки кои би го забрзале процесот.

Вчера во интервју за Телма, министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски, рече дека во наредниот период ќе бидат отворени нови пунктови, а ќе биде воведено и двосменско работење.

Во функција ќе бидат сите базни станици и ќе се работи со повеќе кадар, односно припадници на МВР повлечени од други организациони единици.

Во изминатиот викенд е извршена ревизија на телефонските пријави за фотографирање при што било утврдено дека дури 30 илјади термини биле фиктивни, што значително го закочува процесот. Тие ќе бидат избришани од системот.

Со проблеми при промената на исправите се соочуваат и дел од македонските државјани во странство. Иако рокот е речиси изминат, дипломатските претставништва допрва се јавуваат со информации.

Македонската Амбасада во Лондон ги известува сите македонски државјани кои престојуваат на територијата на Обединетото кралство или во Ирска, дека за патни исправи може да аплицираат во македонското допломатско претставништво.

Сите заинтересирани ќе мора да закажат термин на електронска адреса со назнака „Обнова на патна исправа“.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ