strumica denes logo

УНИЦЕФ АЛАРМИРА: Секое трето дете во Македонија со прекумерна тежина – Бара итни мерки за заштита од нездравата храна!

Автор:

Датум:

март 5, 2026

Автор:

Датум:

март 5, 2026

По повод Светскиот ден за борба против дебелината, УНИЦЕФ повика на итни мерки за подобрување на условите за исхрана во училиштата во Македонија, предупредувајќи дека прекумерната тежина и дебелината кај децата продолжуваат да растат во раните училишни години – период клучен за формирање на доживотни прехранбени навики.

Според најновите податоци, 34 проценти од момчињата и 28,3 проценти од девојчињата на возраст од 7 до 9 години имаат прекумерна тежина или се соочуваат со дебелина. Иако поголемата физичка активност во училиштата би била корисна, анализите покажуваат дека недостигот од движење не е главниот фактор за овој тренд. Според родителите, повеќе од 90 проценти од децата секојдневно учествуваат во барем еден час активна игра или енергична физичка активност.

Од УНИЦЕФ посочуваат дека поголем проблем претставува средината во која децата се хранат или можат да купат храна. Речиси една третина од децата редовно консумираат засладени безалкохолни пијалаци, а повеќе од три четвртини не јадат овошје и зеленчук секој ден.

Проценката на УНИЦЕФ за храната во училишната средина покажува дека таму каде што се продава храна, најчесто се нудат нездрави опции – засладени пијалаци, слатки и солени грицки. Кога ваквата храна е евтина, широко достапна и агресивно рекламирана, а здравите алтернативи се ограничени, здравјето на децата е сериозно загрозено.

Затоа УНИЦЕФ повикува да се ограничи продажбата на ултра-преработена храна и засладени пијалаци во училиштата, да се зајакнат правилата за рекламирање храна наменета за деца и да се инвестира во едукација за здрава исхрана.

Според проценките, економските трошоци од прекумерна тежина и дебелина изнесуваат околу 5 проценти од БДП, односно приближно 482 милиони евра годишно. Искуствата од други земји покажуваат дека ограничувањето на нездравата храна во училиштата може значително да ја подобри исхраната на децата и да ја намали потрошувачката на засладени пијалаци и ултра-преработени производи.