Учениците од СОУ „Никола Карев“ изведоа мултимедијален настан „Традиционално модерни“

ноември 23, 2018

Со поддршка од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, денеска, во домот на АРМ се одржа мултимедијален настан „Традиционално модерни“ на кој учествуваа ученици од средното училиште „Никола Карев“ од Струмица, а присуствуваа околу 100 ученици и наставници од струмичките училишта, како и претставници од општина Струмица. По одржаните креативни работилници, учениците и наставниците од СОУ „Никола Карев“ изведоа кратка претстава за „Тримери“, како судир на традиционалното и модерното.

Овој музички и актерски настап на учениците е финален продукт од нивното повеќемесечно учество во креативни работилници и форум театри, како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Целта на креативните процеси во коишто беа вклучени младите е да им се понудат креативни алатки и иновативни пристапи кои ќе придонесат за зајакнување на учеството на младите во меѓуетничкиот дијалог во училишната и пошироката заедница и да ги зголемат граѓанската свест и демократското однесување меѓу младите во Македонија. Во првата година од имплементација на проектот, во рамките на осум средни училишта низ Македонија беа спроведени повеќе од 300 креативни работилници со активно учество на околу 160 ученици од различни етнички заедници. Општина Струмица е меѓу првите општини која се вклучи во овој проект на УСАИД „Меѓуетничка интеграција на младите во образованието“.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ