Трговците масовно ги поскапуваат производите во обид да ги изиграат новите мерки на Владата

септември 16, 2023

Откако последните денови од Владата порачуваат дека се креираат нови антикризни мерки за граѓаните, но и мерки за стабилизација на цените, на терен се случува масовно поскапување на цените од страна на увозниците и дистрибутерите.

Според тврдењата од еден скопски синџир на маркети, во изминатите денови од дистрибутерите добиле неколку прехранбени продукти со нови зголемени цени.

„На последните приеми на роба, во последните пет-шест дена, имаме зголемени цени на млекото, одреден вид сирење, на јогурт, на зејтин, на пилешкиот стек, на ајварот, но и на одредена класа на јајца. Процентуално зголемувањето варира од 4 до 12 отсто, но ние како маркет сигурно ќе ја зголемиме крајната цена, за да работиме согласно предвидената маржа“ велат од маркетот.

Оттаму додаваат дека освен прехранбени производи, се забележува и зголемување на цената на одредени вид шампони и домашна хемија, но дека се работи само за еден ист добавувач.

Во ЕУ зголемување на цените од 11% во Македонија 46%

Дека нешто не е во ред со цените, денеска алармираше и вицепремиерот за економски политики, Фатмир Битиќи кој најави и зајакнување на инспекциските контроли.

„Отидов во Комисијата за заштита на конкурентност. Разговарав со нив за да поведат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално можеме да докажеме дека има договарање за она што се случува. Ќе ги видите набргу податоците што ќе ги изнесеме. Ако го видите зголемувањето на цените поради инфлацијата на светските берзи, тие се една четвртина помали отколку што се во Македонија. Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна, изолиран остров, кога е составен дел од цела Европа. Ако храната е зголемена 11 % во Европската Унија во берзанските цени, овде е зголемена 46 %. Извинете, ама тоа не е етички“ изјави вицепремиерот.

Нови мерки, но и ригорозни постапувања кон евентуални прекршители, најави и премиерот Ковачевски.

„Она што го увидовме од статистичките анализи изработени од експерти во Министерството за економија, но и од надворешни експерти се забележува зголемување на цените и профитите во малопродажбата. Соодветно на тие анализи ќе бидат предложени ригорозни мерки од Владата и нема да има пардон. Сигурно ќе има негодувања, но нема да дозволиме во време на криза некој да ги зголемува своите профити во апсолутен износ на сметка на граѓаните, кои треба да врзат крај со крај“ посочи Ковачевски.

Бојкот на мерките не е ново, пекарите претходно ѝ се спротивставија на државата

Со цел заштита од ценовните шокови, државата во неколку наврати презеди различни сетови мерки за регулација на цените и продажните маржи.

Најеклатантен пример за тоа беше замрзнувањето на цената на белиот и полубел леб од 450 грама на 33 денари, во февруари оваа годиина.

Таа мерка наиде на отпор од пекарската индустрија каде фурни или не доставуваа или доставуваа леб во помали количини од претходниот просек, но ситуацијата брзо се надмина.

Потоа се утврди дека одреден групација на увозници и дистрибутери правеле екстра профит па Владата утврди и максимални малопродажни цени, односно ги замрзна цените на 20ина видови овошје и зеленчук.

Очигледно, сега производителите и дистрибутерите, поучени од претходното искуство, пред време и постепено ги покачуваат цените за да ги дочекаат подготвени новите мерки на Владата, со цел профитот да им остане ист, а крајната (зголемена) цена за тоа да ја платат потрошувачите.

На потег се државата и институциите.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ