strumica denes logo

ТИВЕРИОПОЛ.МК СО ЈАСЕН СТАВ: Иницијатива за собирање на потписи- „НЕ“ за образование спротивно на нашиот христијански светоглед!

Автор:

Датум:

август 24, 2023

Автор:

Датум:

август 24, 2023

ТИВЕРИОПОЛ.МК:

Иницијатива за собирање на потписи- „НЕ“ за образование спротивно на нашиот христијански светоглед

После денешната седница на советот на Општина Струмица, сметаме дека е неопходно да направиме хронолошки осврт за се што се случуваше на последните три седници од април до сега.

Во април со 23 гласа „за“ Општина Струмица стана првата општина која кажа НЕ за родовата еднаквост. Советниците во Советот едногласно изгласаа дека новата Стратегија за млади што се носи во општината ќе го исфрли терминот „Родова еднаквост“. Наместо „Родова еднаквост“ ќе стои „еднаквост меѓу мажите и жените“ и се договорија истото да го сторат и во Програмата за еднакви можности меѓу жените и мажите. Во мај, предлогот на претседателот на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите и советникот од СТИГА Е, Ѓорѓи Танушев, за измена на терминологијата во програмата за еднакви можности на жените и мажите за 2023 со кој родовите термини присутни во програмата се заменуваат со други термини согласно содржината на актуелниот Закон за еднакви можности на мажите и жените, беше прифатлив сѐ до моментот кога по интервенции на министерката Јована Тренчевска, претседателот на Советот, Марјан Даскаловски предложи повлекување на точката за наредна седница.

Со поеднинечно гласање на кое советниците од СДСМ гласаа за повлекување и со 12 гласа “за” и 9 “против” издејствуваа да се повлече измената на програмата. Така на седницата на Советот на општина Струмица во јуни имаше две различни предлог точки кои се однесуваа на измени на програмата за еднакви можности на мажите и жените за 2023 година со која се третира терминологијата поврзана со родовата еднаквост. Седницата започна во бурна атмосфера, остра расправа и иронични забелешки за предлог точките и нивни измени во дневниот ред. Точката од претходната седница беше поднесена од советникот од СТИГА Е, Ѓорѓи Танушев, а втората точка беше на предлог на советничката група на СДСМ со која се предлага Програмата за еднакви можности на жените и мажите за 2023 да биде усогласена со Законот за еднакви можности на жените и мажите во рок од 30 дена. На крајот од седницата со 11 гласа против и 9 глаа за, без воздржани, Советот на општина Струмица го отфрли предлогот на советникот од СТИГА Е, Ѓорѓи Танушев иако неговиот предлог беше комплетно во согласност со Законот за еднакви можности на жените и мажите, а се усвои предлогот за идно усогласување во рок од 30 дена. Еден ден потоа во Струмица се одржа јавна трибина на тема ,,Вистинското лице на родот’’, на која епископот Јаков ги повика советниците да не потпаѓаат под притисоци и да гласаат според својата совест, велејќи дека знае како размислуваат и каков став имаат за родовата идеологија. На денешната седница ниту имаше усогласена програма, ниту се прифати предлогот на советникот Владимир Ристов за да се постави на дневен ред измена на програмата за еднакви можности со оглед на фактот што поминаа 60 дена а нема ништо од усогласување на програмата, ниту се прифатија амадманите за измена на родовите компоненти во училишните програми за основно образование на децата. Ваквото однесување ги поминува сите граници на пристојност, совесност, одговорно однесување и држење до јавно даден збор и ветување.

Тука секако не мислиме на сите советници од советничката група на СДСМ, како Македонка Глигорова која ја напушти седницата непосредно пред гласање, советничката Наташа Шапкова, која не присуствиваше но и многу други за кои знаеме дека не се согласуваат со курсот кој моментално го одредува некој, што го држи советот во заложништво само преку еден човек.

Еден од ,,најсилните’’ аргументи против измените во програмата изнесени од претседателот на советот Марјан Даскаловски беа дека измените се противзаконски и дека нема да дозволи општина Струмица да прави нешто што другите општини не го направиле. Денес терминолошко усогласување на програмата со актуелниот закон е направено во општините: Ново Село, Василево, Босилово, Дојран, Гевгелија и Охрид, а се подготвуваат измени уште во многу други општини ширум државата, додека советниците во Општина Струмица каде што се разобличи вистинското лице на родовата идеологија, толку очигледно во предлог-законот за родова еднаквост, се уште се тетерават помеѓу волјата на граѓаните(кои патем ги избрале) и ,,челичниот авторитет” на протагонистот на родовата идеологија во Македонија. Се прашуваме зошто упорно се дава политички контекст на проблем што подеднакво ги тишти сите граѓани во Македонија и од СДСМ и од ВМРО и од сите други партии? Се прашуваме зошто мнозинството советници во советот потклекнуват и дозволуваат да им се руши авторитетот и угледот помеѓу граѓаните на Струмица и околината од двајца-тројца лојалци на туркачот на родовата идеологија, кога знаеме што мислат и самите и за предлог-законот и за родовата идеологија?

Во надеж и молитва кон Семилостивиот Бог да не просветли и вразуми сите, но и да не охрабри да застанеме на страната на доброто и Вистината во ова време на сеопшто зло, лага и измама ги повикуваме но и молиме и преколнуваме сите советници во Советот на Општина Струмица да го слушаат пулсот на волјата на граѓаните и на никој друг.
Затоа уште од утре ќе покренеме иницијатива за собирање на потписи кои ќе бидат доставени до сите релевантни институции. Затоа уште од утре преку родителски здруженија и организации, но и родителските совети ќе делуваме во училиштата каде што ги праќаме нашите деца да ги образуваат, а не да ги обезобразуваат со идеологии и теории спротивни на нашиот христијански светоглед. Затоа ги охрабруваме и директорите на основните и средните училишта кои денес делуваа прилично збунето, да застанат цврсто против сите родови глупости веќе застапени во училишните програми и наставните концепти. Децата им припаѓаат на родителите, а не на родовите идеолози. Ние родителите ќе одлучуваме за образованието и за се што се однесува на нашите деца!