ТАКА ТРЕБА И ВО МАКЕДОНИЈА: Американска држава го тужи TikTok дека создава зависност и манипулира со деца

октомври 29, 2023

Американската држава Јута поднесе тужба против сопствениците на апликацијата TikTok, обвинувајќи ги за манипулирање со млади луѓе, преку измамнички деловни практики и штетни ефекти врз менталното здравје.

Првата американска сојузна држава, која најави забрана за користење на TikTok, беше Монтана, а прва што поднесе тужба против кинеската социјална мрежа беше малку појужната сојузна држава Јута. Канцеларијата за заштита на потрошувачите во земјата официјално покрена тужба против TikTok и неговиот сопственик ByteDance.

Иако претходните забрани, од Монтана до официјалните институции на САД, како причина го наведоа проблематичното управување со приватни податоци, во случајот на Јута причината за тужбата е нешто поинаква – тие наведуваат дека оваа апликација има негативен ефект врз корисниците, особено помладите.

Зависност како коцкање

TikTok, се наведува во тужбата, „има моќни манипулативни алгоритми, споредливи со машините за коцкање“, кои предизвикуваат зависност и „го привлекуваат вниманието на младите корисници ширум светот, 24 часа на ден“. Обвинителите наведуваат дека резултатот од ваквите алгоритми е намерна манипулација со корисниците, за да ги „закачат“ на апликацијата од која не можат да излезат. Апликацијата, се наведува, ги експлоатира децата и младите, како и нивните родители, предизвикувајќи ги компулсивно да ја консумираат содржината на неа.

Потоа се зборува и за проблематичните последици од таквото однесување. Младите стануваат зависни, апликацијата има многу негативно влијание врз нивното ментално здравје, физичкиот развој, семејниот и социјалниот живот. „Таквата практика е многу профитабилна за TikTok, но и неверојатно штетна за младите корисници“, се вели во тужбата.

Тужбата беше официјално поднесена во државниот суд, а властите бараат од ByteDance да ги почитува тамошните прописи за заштита на потрошувачите, првенствено кога станува збор за нивната безбедност и благосостојба. Обвинителите бараат судење со порота и исплата на пропишаните казни за прекршување на законот. Се наведуваат повеќе од 300.000 долари отштета и уште толку парични казни.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: