strumica denes logo

СВР СТРУМИЦА И ЦРВЕН КРСТ СО АПЕЛ: ПРАЗНИЦИ БЕЗ ПЕТАРДИ И РИЗИЦИ!

Автор:

Датум:

декември 22, 2025

Автор:

Датум:

декември 22, 2025

Вчера, 20 декември 2025 година, на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, во рамки на кампањата на Министерството за внатрешни работи „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица и Полициската станица Струмица, во соработка со Црвен крст – Општинска организација Струмица, спроведоа симулациска вежба за укажување помош на лице повредено при употреба на пиротехнички средства.

Целта на симулацијата беше да се прикаже колку брзо и сериозно може да настанат повреди од петарди и друга пиротехника, но и да се испрати јасна порака за потребата од одговорно однесување во претпразничниот период. Вежбата беше проследена од граѓани кои имаа можност одблиску да се запознаат со ризиците што ги носи несоодветната употреба на пиротехнички средства.

Активностите во рамки на кампањата продолжија и на други локации низ Струмица, каде полициските службеници на граѓаните им делеа летоци со едукативна содржина, со информации и совети поврзани со безбедното однесување и опасностите од употребата на пиротехника.

СВР Струмица информираше дека превентивните активности не се ограничени само на терен. Во текот на вчерашниот ден, преку Отсекот за превенција, во соработка со лекари од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, биле реализирани и повеќе едукативни предавања со ученици од прва година од средните училишта „Никола Карев“, „Јане Сандански“ и „Димитар Влахов“ во Струмица. На предавањата, лекарите им укажале на учениците за штетните последици кои може да ги предизвика употребата на пиротехнички средства по здравјето и телото, додека полициските службеници ги информирале за казнените одредби и санкциите кои се предвидуваат за набавка, продажба и употреба на пиротехнички средства.

Од СВР Струмица најавуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во следниот период и ќе се реализираат на подрачјето на целиот Сектор, со цел навремено информирање и подигање на свеста, особено кај младите.