Струмичанката Ана Витанова Рингачева добитник на наградата Горан Бујиќ на Хрватското книжевно друштво!

октомври 26, 2019

Книжевната критичарка, есеистка и професорка на УГД, Ана Витанова Рингачева и писателот, поет, сценарист, Стефан Марковски, се овогодишните добитници на Интернационалната награда за новинари – книжевници Горан Бујиќ на Хрватското книжевно друштво.

Витанова Рингачева е добитник на наградата Горан Бујиќ за новинари – книжевници надвор од Хрватска, додека Стефан Марковски е добитник на наградата во категоријата млади новинари – книжевници.

Витанова Рингачева и Марковски ги уредуваат списанијата за литература Зенит и Современост.

Наградата на животно дело ја доби Неделко Јусуп, новинар, публицист, предавач и уредник, основач и долгогодишен главен и одговорен уредник на неделникот и дневниот весник Задарски лист.

Наградата Донат за придонес во културата годинава ја доби весникот Задарски лист, кој одбележува 25 години постоење.

Книжевната награда Донат ја добија поетот, професор, музичар и афористичар Данко Ившиновиќ и Пејо Симиќ, книжевник.

Годинава за наградите одлучуваше 12-члено меѓународно жири, а наградите ќе се доделат на свеченоста која секоја година се одржува на 28 ноември, роденденот на Горан Бујиќ.

Горан Бујиќ беше хрватски поет, критичар, есеист и новинар.

Дипломирал компаративна книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб, каде подоцна и магистрирал. Бил уредник на весникот Задарски лист, а неговите критики се објавувани во сите значајни хрватски списанија и весници. Починал во 2011 година.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ