СТРУМИЧАНЕЦОТ ТОМЕ СТОЈАНОВ – ЛЕГЕНДАРНОТО ЛЕВО КРИЛО И ЛЕВ БЕК НА ФК БЕЛАСИЦА!

септември 26, 2023

“БЕЛАСИЦА НИЗ ИСТОРИЈАТА”

Томе Стојанов, легендарно лево крило и лев бек на Беласица. Настапувал за Беласица во периодот од 1976 до 1990 година. Со вкупно 14 сезони во Беласица е само еден од 7-те играчи што играле минимум во 14 сезони за Беласица.

Со 328 првенствени настапи се наоѓа на 5-то место на вечната листа на Беласица по бројот на првенствени настапи. За Беласица постигнува 27 голови, со што е во топ 30 стрелци на Беласица во историјата.

Кариерата ја започнува во Струмешница од Дабиле во 1971 година, која се натпреварувала во Штипскиот потсојуз,каде игра две сезони, а една сезона поминува и во ЈНА (1972/73).

Во 1974 година преминува во Тиверија, која е во Прва македонска лига и одигрува две сезони и има 53 прволигашки настапи и постигнува 6 голови.
Во летото 1976 поминува во Беласица, а дебитира на утакмицата во Охрид, под водство на тренерот Гоце Петровски. Првиот гол го дава пролетта 1977 година против Тиквеш во Струмица. Ќе биде стандардно лево крило во на.

Во втората сезона 1977/78, постигнува 5 голови, со што е четврт стрелец на тимот зад Мадков, Стојков и Тасев. Со П. Андреев се повикани на крајот од сезоната да учествуваат во тимот на Првата македонска лига. Летото 1978 година се враќаат во Беласица: Истатов, Секулови, Аљоков, Дрвошанов, Митев, со кои Беласица станува конкурент за титулата. Стојанов во есенската полусезона 1978 година е избран во А тимот според весникот “Вечер”, а во Б тимот на Првата македонска лига според ” Нова Македонија”. Во 1978/79 има најмногу настапи за Беласица во таа сезона, 31 настапи, а Беласица е трета. Во сезоната 1979/80 Беласица пак е трета, со нападот во кој покрај Стојанов се: В. Стојков, П. Андреев, Љ. Мафков и Н. Секулов. Во сезоната 1980/81, настапува на 27 натпревари (втор во тимот), а со 4 голови е трет стрелец на тимот. Сезоната 1981/82 е неговата најдобра сезона според број на голови, кога со 9 голови е втор стрелец на тимот. Во сезоната 1982/83, дава свој допринос со 22 одиграни натпревари во шампионската титула на Беласица во Првата Македонска лига.

Во периодот 1983 до 1987 година, игра на позиција лев бек за Беласица во Втората југословенска лига – Исток. Стојанов е еден од 11-те играчи (М.Василев, П. Андреев, К. Секулов, Р. Панов, З. Зајков, Г. Узунов, П. Блажевски, Б. Јовановски, Т. Георгиев и Б. Митев) што игра за Беласица на повеќе од 70 натпревари во Втората Југословенска лига – Исток.

Во сезоната 1987/88, станува шампион со Беласица во Првата Македонска лига и настапува на 30 натпревари, а во квалификациите со Бокељ и Трепча ќе даде полн придонес за влез во единствена Втора Југословенска лига.

Во Втората Југословенска лига во сезоната 1988/89, игра на 20 натпревари, во одбраната најчесто составена од: М. Илиев, Г. Стојановски, Т. Георгиев, Т. Стојанов, М. Василев, Б. Беличев, М. Јовев и Р. Панов. Негова последна сезона е 1989/90, кога Беласица игра во Третата југословенска лига – Исток, а тој повторно ќе игра на позиција лево крило. Последниот гол го дава со Бор во Струмица во декември 1989, а последниот настап ќе му биде во јуни 1990 година, повторно против Бор на гости со 37 полни години.

Рекордер е по бројот на одиграни последователни полусезони во Беласица, вкупно 28 полусезони во период од 14 години (1976-1990).

Ќе остане запаметен како голем борец, кој го остава срцето на теренот. Играч кој и остана верен на Беласица до крајот на кариерата.

Еве ја неговата статистика на натпревари и голови по сезона:

1976/77 – 26/3
1977/78 – 29/5
1978/79 – 31/2
1979/80 – 25/0
1980/81 – 27/4
1981/82 – 23/9
1982/83 – 22/1
1983/84 – 20/0
1984/85 – 21/0
1985/86 – 14/1
1986/87 – 17/0
1987/88 – 30/1
1988/89 – 20/0
1989/90 – 23/1

* Оваа рубрика “Беласица низ историјата” е инспирирана од неговата кариера и љубов кон Беласица. Оваа рубрика е направена да се оддаде почит и признание на сите фудбалери на Беласица, кој оставиле длабок белег во струмичкиот фудбал, во државата, но и надвор од неа.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ