СТРУМИЧАНЕЦОТ ДРАГАН КРСТЕВ ДЕЛ ОД ЕКИПАТА КОЈА СО АНГЛИСКИ ТАКСИ ВOЗИЛА ПАТУВАА ОД ЛОНДОН ДО МАКЕДОНИЈА!

мај 24, 2023

Драган Крстев од струмичко Ангелци, Кико Маневски од делчевското село Тработивиште, Дејан Коцев од Свети Николе, Трајче Трајков од Кавадарци, заедно со Ендрју Ворт од Англија, на 13 мај, со препознатливиот англиски симбол, црното такси, тргнаа со два автомобила од Лондон кон Скопје на добротворен мисионерски пат.

Умно.мк стапи во контакт со нив кога заминуваа од Сплит на пат кон Мостар и поразговараа со дел од групата во едниот автомобил, ги прашаа како би го опишале нивното патешествие досега и што би издвоиле како најинтересно. Драхан низ смеа вели:

– За мене најинтерсен дел од патувањето е кога ни се расипа автомобилот во Германија. Повеќе помош добивме од пријателите, отколку од осигурувањето што го плаќаме – се шегува тој.

Кико додава:
– Да, навистина многу пријатели од секаде ни се јавуваа за да ни помогнат. Добро е што дојде Мики да не собере, еве и јавно голема благодарност до него.

Дејан вели дека од ова патување научил важна лекција – ако се најдеме во потешкотија на пат, секогаш има добри луѓе што ќе ти помогнат.
– Добив повеќе доверба во македонштината, во добрината на Македонците кои живеат низ Европа. Колку се подготвени секогаш да ти помогнат без да кажат збор – вели Дејан.

Холандија, Луксембург, Германија, Швајцарија, Италија, Австрија, Хрватска се станиците кои што ги поминаа, а таму биле срдечно пречекани од нашинците кои со нетрпение ги очекувале.

– Луѓето ни ги отворија вратите од домовите и со нас ја поделија нивната храна, нè угостија како да сме им роднини. Сакаме да ја искористиме оваа можност и да им се заблагодариме на сите за нивниот топол пречек – вели Кико.

Нивното патување можете да го следите на официјалната фејсбук страница „Black Cab – Europe Charity Trip“, чија цел е да ги поттикне граѓаните кон солидарност и донирање средства за болницата за деца „Great Ormond Street“ во Англија, а дел од средствата ќе бидат издвоени и за одредено семејство или институција од Македонија.

На следниот линк можете да ги поддржите и да се вклучите во нивната хуманитарна мисија.

– Ова не е прва хуманитарна акција што ја правиме, ние постојано донираме и помагаме на луѓе во Лондон на кои им е потребна некаква помош, впрочем во Англија целото општество функционира на тој начин. Јас пред три години купив старо такси возило, оттогаш почнавме да зборуваме за различни идеи, но некако сите сакавме да одиме во посета на Македонија, а потоа постепено се јавуваа и желбите и плановите за попатни станици, па така и настана ова патување кое едногласоно од целата група се претвори во хуманитарна мисија – појаснува Кико.

Целата дестинација од над 4.000 километри предвидено е да ја поминат за 10 дена, а нивниот патувачки подвиг вклучува посета од 15 држави. Без размислување сите потврдија дека ова патување би го повториле, но условот е да најдат некој мајстор за претходно да го провери таксито, да не им се случи повторно дефект, низ гласна смеа ни одговараат:
– Се работи за интерна шега меѓу нас, бидејќи Драган е еден до најдобрите автомеханичари во Лондон. Не меѓу најдобрите, туку најдобар!

Велат дека за следното патување би биле далеку поорганизирани и подобро подготвени од грешките кои ги научиле при ова искуство.

ИЗВОР: УМНО.МК

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: