Во пријатна и инспиративна атмосфера се одржа промоцијата на новата книга „Театарски приказни“ на струмичанецот Митко Бојаџиски, дело кое претставува уникатен спој на сеќавања, анегдоти и лични сведоштва од македонската театарска сцена.
Книгата содржи вкупно 67 приказни, раскажани од 30 истакнати актери, собрани во текот на повеќе од една деценија дружење и контакти со авторот. Станува збор за внимателно одбрани приказни кои, според авторот, заслужувале да бидат запишани и зачувани од заборав, а меѓу нив се наоѓа и една негова лична приказна која била иницијална идеја за создавањето на ова дело.
Во „Театарски приказни“ се застапени имиња кои оставиле длабока трага во македонскиот театар и култура, меѓу кои се: Димче Мешковски, Ванчо Петрушевски, Коле Ангеловски, Благоја Чоревски, Мите Грозданов, Бајруш Мјаку, Драган Спасов-Дац, Милица Стојанова, Никола Ристановски, Салаетин Билал, Снежана Конеска-Руси, Ацо Јовановски, Фирдаус Неби, Љупка Џундева, Џумерко, Јоана Поповска, Зора Ѓоргиева, Ванчо Мелев, Перо Арсовски, Горан Илиќ, Игор Џамбазов, Миле Вратеовски, Васил Зафирчев, Ѓокица Лукаревски, Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Игор Трпчески, Соња Михајлова, Софија Насевска-Трифуновска и Васил Михаил.
Присутните на промоцијата имаа можност одблиску да се запознаат со содржината на книгата, како и со процесот на нејзиното создавање, при што беше истакнато значењето на ваквите изданија за зачувување на културната меморија и богатото театарско наследство.
Со ова дело, Митко Бојаџиски уште еднаш ја потврди својата посветеност кон уметноста и културата, оставајќи вреден запис за идните генерации и љубителите на театарот.
Инаку, промоцијата се одржа во „Дајмонд Мол“ во Скопје, во книжарницата на Литература“.

























