Квалитетот на воздухот во Струмица вечерва е на алармантно ниско ниво, покажуваат податоците од мерните станици што Општина Струмица ги постави на шест локации низ градот. Според мерењата, на сите точки се регистрира екстремно загадување, што повторно ја вклучува „црвената ламба“ за граѓаните.
Најзагрижувачка е состојбата во реонот кај ДСУ „Никола Карев“, каде што во неколку наврати концентрациите на штетните ПМ10 честички достигнале и над 1.000 микрограми на кубен метар. Ваквите вредности се сметаат за крајно ризични и укажуваат на сериозна епизода на загадување во градското подрачје.
Високи и проблематични бројки се бележат и на другите локации, меѓу кои се издвојуваат мерните места кај ООУ „Никола Вапцаров“ и кај ООУ „Маршал Тито“, каде што, покрај ПМ10, алармантни вредности покажуваат и ПМ2,5 честичките.
Надлежните институции и понатаму ги следат состојбите преку поставените мерни уреди, а податоците од денешните мерења уште еднаш ја наметнуваат потребата од конкретни и навремени мерки. Екстремните концентрации на штетни честички не се само статистика, туку директен ризик за здравјето на граѓаните, особено на децата, повозрасните и хронично болните.



























