Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, денеска оствари работна средба со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава, Армен Грегоријан. На состанокот се разговараше за досегашната соработка меѓу општина Струмица и УНДП, како и за реализацијата на тековните проекти, при што беше заеднички заклучено дека ова партнерство треба да се продлабочува и проширува во повеќе области од заеднички интерес.
Во фокусот на разговорите беше проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој предвидува изградба на нов парк во населбата Карпош дел 2. Станува збор за заедничка инвестиција во вкупна вредност од 26 милиони денари, од кои 16 милиони денари се обезбедени од Општина Струмица, а 10 милиони денари преку УНДП. Проектот има за цел да придонесе кон подобрување на квалитетот на воздухот и создавање поздрави услови за живеење на граѓаните.
По средбата во кабинетот, градоначалникот Јанков и постојаниот претставник на УНДП, Грегоријан, заедно со своите соработници, ја посетија локацијата кај градинката „Виножито“, каде што ќе се гради новиот парк.
Новата паркова површина, со големина од 14.000 метри квадратни, ќе претставува уште еден значаен зелен и урбан простор во новата населба Карпош. Во рамките на проектот предвидено е поставување на современа урбана опрема, изградба на детски и спортски игралишта, како и засадување на околу 600 дрвја, со што населбата ќе добие поуреден, позелен и поквалитетен простор за рекреација и секојдневен живот на жителите.

























