Во Струмица свечено беше отворена Спомен куќата на народниот херој Благој Јанков – Мучето, еден од најсветлите симболи на слободата и непокорот на македонскиот народ. Настанот собра голем број граѓани кои со гордост и почит присуствуваа на отворањето, оддавајќи им чест на делото и жртвата на Мучето и сите борци кои ја втемелија нашата слобода.
На свеченоста присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура Зоран Љутков, кои со своето присуство го нагласија значењето на овој објект како чувар на националната меморија и идентитет.
Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица со овој проект отвора ново поглавје во зачувувањето на историјата, културата и традицијата, овозможувајќи на идните генерации да ја почувствуваат автентичната меморија на едно време исполнето со борба, храброст и пожртвуваност.
Отворањето на Спомен куќата на Благој Јанков – Мучето претставува не само оддавање почит, туку и силна порака дека делото на нашите херои ќе продолжи да живее и да нè инспирира да ја чуваме и градиме Македонија како достоинствена, горда и обединета татковина.























