СЛУЧАЈ ОНКОЛОГИЈА: ДАВАЛЕ СКАПИ ЛЕКОВИ НА ДЕН ПРЕД ДА ПОЧИНАТ ПАЦИЕНТИТЕ!

јануари 31, 2024

Лекови на реверс односно позајмени од друга клиника, јавни набавки без оглас, требувана вишок терапија на име на пациентите, скапи биолошки лекови се давале на ден пред да починат пациентите ова се само дел од дејствијата за кои се товарат петмината осомничени во морбидниот случај со Онкологија.

Екс медицинскиот директор на клиниката Нино Васев, поранешниот организациски директор Нехат Нухи и уште тројца онколози се осомничени во аферата за злоупотреба на биолошката терапија. Сите петтмина осомничени, успеале да направат евентуална штета од околу 30 милиони евра.

Васев се товари за седум кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и едно кривично дело измама во службата. Организацискиот директор, исто така, е осомничен за измама на работно место.И тројцата лекари се осомничени за помагање во кривичното дело измама во служба. Двајцата директори наместо притвор, добија мерки на претпазливост, додека за онколозите не се побарани мерки и може да продолжат да работат со пацинети.

“Поднесен е предлог за определување на мерки за претпазливост, кои опфаќаат забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа и издавање на нова,а за ексмедицинскиот директор има мерка и за оддалечување од работното место” вели обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.

Од обвинителството велат дека нема докази дали се давале помалку лекови или физиолошки раствор, но биле препишувани скапи лекови на ден пред смрт на пациентите, иако се знаело дека нема лек за пациентот.

Обвинителите не кажаа каде одел вишокот набавувани лекови без тендер, затоа што се истражувало во моментов. Според добиените податоци од Косово, засега нема докази дека на црниот пазар во Косово или на тамошните клиники завршувале набавените лекови од страна на Васев, а обвинителите чекаат одговор од колегите од Албанија

Обвинителството има сознанија и за стан каде се чувале лековите кои биле злоупотребени. Обвинителството прегледало 25.500 електронски и хартиени досиеја и разговарало со околу 40 онколошки пациенти.

Инаку, ФЗО прави вонреден надзор со словенечки експерти, па не е исклучена можноста истрагата да се прошири.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ