СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА: Македонската армија ќе се вооружува со дронови!

октомври 29, 2023

Македонската армија наредната година ќе влезе во процес на набавка на дронови, најави министерката за одбрана Славјанка Петровска. Гостувајќи на Клик плус на ТВ21, таа рече дека процесот веќе е започнат.

„Анализата која јас ја најавив пред неколку месеци е направена. Генералштабот на Армијата со соодветните единици ја заврши оваа анализа која што покажа каде, во кои сегменти од одбраната и генерално за државата, дроновите можат да бидат искористени. Во наредниот период остануваме да ги изработат оперативните побарувања, односно да се специфицира што точно, каков вид дронови и со кои перформанси се потребни и таа набавка треба да ја спроведеме во текот на следната година“, најави министерката.

Петровска истакна дека согласно предлог буџетот за кој се завршени консултациите со Министерството за финансии, одбраната ќе располага со буџет во висина од 2 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 33 проценти ќе бидат наменети за модернизација и опремување.

„Минатата година информиравме за склучување на договорот со Франција за набавка на против воздушен систем за одбрана, проектот за набавка на лесните оклопни возила JLTV е започнат и јавноста имаше можност да ги види во различни ситуации тие возила. На почетокот на следната година очекуваме да се вратат двата хеликоптери кои се испратени на ремонт, сè додека не го склучиме договорот за набавка на нови хеликоптери кој е во финална фаза“, рече министерката.

Додаде дека тимот кој работи на овој процес побарал дополнително време за консултации во однос на понудите и изрази уверување дека во текот на ноември месец ќе можат да ги презентираат конечните позиции, по што ќе биде донесена одлуката и за нивна набавка, соопштија од Министерствот за одбрана.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ