Има поголем пораст на граѓани, поединци и семејства кои имаат потреба од помош за обезбедување храна. Од Банка за храна Македонија велат дека од ковид пандемијата наваму има зголемување на луѓето кои имаат потреба од ваква помош.
Ако претходно на неделно ниво имало од 3 до 10 барања, сега неделно има помеѓу 20 и 30 нови барања. Се јавуваат луѓе од цела Македонија. Глад и сиромаштија нема само во Скопје, додаваат од Банка за храна Македонија. Во руралните средини има луѓе оставени на солидарност на соседите и од нив чекаат храна. Од Банка за храна Македонија велат дека луѓето се хумани, но во државата треба да се изгради систем.
„Времето е такво, сите сме домаќини и сите сме свесни дека цените на храната отидоа до бесвест. Поголем дел на граѓани не можат да си дозволат основно, овошје и зеленчук, а камоли килограм месо за да внесат протеини. Отиде високо и цената на пилешкото месо. Се надевам дека новите власти ќе имаат слух, барем Законот за донирање на вишок храна да го донесат. Двапати седнувавме на маса сериозно за ова. Власта би требало да има слух за оваа идеја, тоа е за сите граѓани кои имаат мака. Сега се јавуваат граѓани кои и двајцата работат, земаат мали плати по 22.000 денари и не можат да си дозволат многу. Што правиме со граѓаните во рурални средини, каде нема ни граѓански организации да им помогнат, а институциите на локално ниво што можат да им помогнат со лимитирани буџети? Да се разбереме, едно општество не може да ги нахрани сите гладни, сиромаштија, имало, има и ќе има. Ние како алка меѓу граѓаните и институциите, можеме само да ја ублажиме состојбата. Ние можеме да обезбедиме сервис до тие граѓани, таа храна да ја преземеме и да ја доставиме каде што треба. Ние постоиме 14 години и не се откажуваме од таа мисија“, вели Душко Христов, претседател на Банка за храна Македонија.
Храната ја донираат компаниите, а Банка за храна Македонија соработува и со организација од САД која помага. И во Кавадарци има локална неформална бранша која помага.
„Бројни граѓани кога ќе легнат навечер се прашуваат утре што ќе јадат. Се зголемува бројот на барателите, а се намалуваат количините на донации“, рече Христов.
Тој објаснува дека во Македонија има 15.000 до 18.000 семејства со просек 3-4 корисници кои имаат потреба од храна. Од Банка за храна Македонија велат дека има скриена сиромаштија во државата и овие луѓе не се обраќаат за помош поради срам. Покрај социјалните случаи, треба да се размислува да им се помогне и на луѓето кои изгубиле работа, затоа што додека да најдат нова работа се соочуваат со глад. Во екот на пандемијата на коронавирусот, вработени во повеќе сектори останаа без работа. Тие луѓе имаа потреба од времена помош. Целта на Банка за храна Македонија е нула глад и нула загуби во храна.
„Да ги нахраниме економиите, а не депониите“, вели Христов.
Со партнери од Србија, БиХ и Црна Гора планот е да се направи платформа на банки за храна во регионот. Целта е да се обедини тој вишок на храна во регионот. Банка за храна Македонија наоѓа начини да ги мотивира овие луѓе да си обезбедат храна за себе и да застанат на свои нозе, во смисла да подигнат пластеник, да чуваат живина, стока и слично. Во некоја понапредна фаза се размислува оние кои имаат можност и сакаат, да им се понуди бизнис план што би можеле да работат. Им се дава помош и поддршка за да почнат да работат.