СЕ ОДРЖА МАТУРСКИОТ БАЛ ВО СТРУМИЦА-ЧЕСТИТКИ ДО СИТЕ МАТУРАНТИ!

мај 17, 2019

На плоштадот „Гоце Делчев“, денеска, точно напладне, се одржа матурскиот бал на кој што учествуваа матурантите од средните општински училишта. На оваа традиционална прекрасна манифестација присуствуваше и градоначалникот Коста Јаневски, кој на матурантите им посака успешно понатамошно чекорење во животот.

-Овој петок, овој 17. мај е ваш ден, ден кој вечно ќе го носите во вашите најубави животни спомени. Овој матурски бал не е привилегија на сите матуранти од земјава и Европа, туку само на тие кои се дел од градовите – учесници на оваа прекрасна традиционална манифестација. За среќа, Струмица безмалку цела една деценија пулсира со мајскиот ритам на музиката од Јохан Штраус, која е создадена за танцување. Танцувајте и Вие со вашите врсници од неколку градови од нашата татковина и од немал број европски земји и бидете горди што сте дел од оваа преубава несекојдневна приказна. Нека ве понесе „магијата“ на овој за вас свечен чин и нека на најубав можен начин биде одбележан вашиот „испит на зрелоста“. Но тој испит денес го полага и самата манифестација, која има отприлика исто толку години како и вие. Имено првата „матурска парада“ се случила во Љубљана во 2001 година, што значи дека денес таа полни 18 години и го слави своето полнолетство. Тоа дополнително треба да ве прави среќни и задоволни. Ви посакувам успешното понатамошно чекорење по патиштата на животот да започне токму денеска со лесен танцов чекор. Нека биде квадрил. Нека биде убав и незаборавен вашиот матурски бал, рече градоначалникот Јаневски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ