Предложените измени на Кривичниот законик кои денеска беа претставени пред пратениците предизвикаа реакции кај опозицијата и јавноста. Во предлозите меѓу другото се предвидува и намалување на казните за злоупотреба на службената положба. Досега таа беше најмалку три години затвор, но сега се предлага казна од една до четири години. Во ставот 5 од членот 353 кој предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба при јавни набавки, се предлага да се одземе само прибавениот имот. Наместо три години затвор за злоупотреба на службата, се предлага казната да се намали од шест месеци на пет години затвор.
За злосторничко здружување, наместо досегашните казни од една до десет години, се предлага затворска казна од една до три години.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека со намалувањето на казните за кривични дела кои се однесуваат на лица на функции, власта се подготвува за периодот кога ќе замине во опозиција.
Но, од власта тврдат дека предлозите се усогласување на Кривичниот законик со одредбите на земјите од ЕУ. Според нив, во овој случај се конкретизираат кривичните дела поврзани со злоупотреба на службената положба.
А, наместо министерот Лога, предлогот пред пратениците го бранеше заменик-министерката за правда.
Власта веќе подолго време најавуваше нов Кривичен законик, па сега велат дека предложените измени се толку тоа, но само дел од содржината на новиот законик. Предлогот е означен со знамето на ЕУ, што на опозицијата ѝ дава многу мали шанси да ја блокира или одогловлекува дебатата. Опозицијата оценува дека ова е уште една сериозна злоупотреба на европското знаме.