До крајот на месецов треба да се донесе одлука за новата цена на струјата. Од наредниот месец ќе се знае дали граѓаните ќе плаќаат повисоки или пониски сметки за струја. Цената на струјата најмногу ќе зависи од тоа каква цена ЕСМ ќе понуди на тендер, односно по која цена ќе ја продава струјата на ЕВН ХОУМ. За да се намали цената, ЕСМ треба да понуди цена под сегашната која изнесува 58 евра за мегават-час.
– EВН ХОУМ понуди пониска профитна маржа која ќе влијае на крајната цена на струјата. Со оглед на тоа би требало цената на струјата да се намали. Но, маржата не е пресудна. Цената на струјата најмногу ќе зависи од тоа каква цена ЕСМ ќе понуди на тендер, односно по која цена ќе ја продава струјата на ЕВН ХОУМ. Ако понуди иста цена во тој случај може да има некоја минимална надолна корекција на цената на струјата или воопшто да не се менува. Ако понуди повисока цена во тој случај ќе ја аналура предноста поради пониската маржа, велат извори за весникот ВЕЧЕР.
Дали струјата ќе поскапи или ќе поевтини најмногу ќе зависи од тоа по која цена ЕВН ХОУМ ќе ја добива струјата од ЕСМ која моментално изнесува 58 евра за мегават-час.
ЕВН ХОУМ на електронска аукција беше повторно избран во следните пет години да ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи со електрична енергија поради пониската маржа. Беше понудена маржа од 9,9 проценти, односно 1,6 отсто пониска. Сега се чека ЕСМ, односно одлуката за тоа по кој износ ќе ги продава своите количества на универзалниот снабдувач.
Според, новите правила, кои се воведоа при крајот на минатата година, пресметката за цената на електричната енергија ја прави ЕВН ХОУМ, но пред да биде објавена треба да помине на контрола во Регулаторна комисија за енергетика.
Инаку и покрај тоа што беше најавено дека од оваа година наместо два пати, нова цена на електричната енергија ќе се носи само еднаш и тоа на крајот на ноември, сепак поради изборот на нов универзален снабдувач, повторно одлука мора да се донесе до крајот на јуни.
Граѓаните веќе два месеци добиваат сметки без процентот кој означуваше колку изнесува субвенциите од Владата. Имено за да може ЕСМ да испорачува поевтина струја, добиваше пари од буџетот кој го полнат граѓаните и фирмите.
Според, анализите околу две третини од граѓаните имаат тешкотии да ги покријат трошоците за електрична енергија. Дали во следниот период ќе има некаква помош и каква би била таа, ќе зависи од политиките на новата Влада.
Од оваа година домаќинствата плаќаат и по 200 денари за пристап до мрежа, која партијата ВМРО-ДПМНЕ која победи на изборите најави дека ќе ја укине.
На ова првиот човек на Регулаторната комисија одговори дека доколку се укине надоместокот за пристап до дистрибутивната мрежа во износ од 200 денари, тогаш евтината тарифа на струјата ќе се зголеми за речиси 15 отсто, а ќе поскапат и блок-тарифите, најмногу оние од првиот и од вториот блок.
Но, дали ќе има промена на цената на струјата и дали ќе се укине надоместокот за пристап до мрежа од 200 денари, ќе видиме откако ќе се формира новата Влада.