Од „Родителски фронт“ упатија остри реакции по објавувањето на наставната програма за предметот „Сексуално образование“ во гимназиите, оценувајќи дека преку неа во училиштата се воведуваат содржини поврзани со родовиот идентитет, родовото изразување и разликите меѓу полот и родот.
Според нив, програмата содржи ставови за родовите норми и традиционалната поделба на семејните улоги со кои, како што тврдат, се доведуваат во прашање вредностите што со генерации се пренесувале во македонското општество. Од иницијативата сметаат дека родителите треба да имаат право на избор и да бидат непосредно вклучени при донесувањето одлуки за вакви образовни содржини.
„Родителски фронт“ упати критики и кон министерката за образование и наука Весна Јаневска, посочувајќи дека таа, додека била во опозиција, се спротивставувала на концептите за сексуално и родово сензитивно образование, а сега, според нивните обвинувања, дозволила нивно спроведување.
Од здружението бараат јавно објаснување зошто програмата е одобрена, дали биле консултирани родителите и каква улога имале Бирото за развој на образованието и невладините организации во нејзината подготовка.
Тие ги повикаа родителите да побараат повлекување на програмата и лична одговорност од министерката Јаневска, нагласувајќи дека прашањата поврзани со воспитувањето и образованието на децата мора да се решаваат транспарентно и со учество на семејствата.
Во продолжение целосниот текст објавен на нивната фејсбук страница:
РОДИТЕЛИ, ЕКСТРЕМНАТА РОДОВА ИДЕОЛОГИЈА СТАНА ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ!
Министерката за образование Проф д-р Весна Јаневска, пред самиот почеток на новата учебна година, на страната на БРО ја објави официјалната наставна програма за „Сексуално образование“ во гимназиите, во која директно се учи:
• за разликите помеѓу пол и „род“, каде, согласно родовите теории, биологијата го нема последниот збор, па родовиот идентитет може да биде цел спектар на родови, како на пример небинарни, мачки, кучиња, пеперутки и други лични конструкции;
• на нашите деца ќе им ги полнат главите за „родов идентитет“ и „родово изразување“;
• дека родовите норми се општествена конструкција која „може да се менува“ и која, на крај, може да помине во медицинска транзиција со опасни хормони, стерилизација и касапење на телата на младите личности;
• во нивните умови ќе ја деконструираат претставата за традиционално семејство која ни е предавана со генерации, со неолибералниот наратив дека традиционалната поделба на улоги меѓу маж и жена „не е секогаш правична“ и дека мора да се избегнува;
• зад параванот „почит кон секој човек“ на нашите деца ќе им се наметнува оваа идеолошка пропаганда до степен на личен став како единствена дозволена вистина. Без право на избор за родителите. Без право на отпор. Морало да се почитуваат стотиците лудачки измислени родови идентитети.
Лицемерието на Весна Јаневска го проби плафонот и високиот праг на нашето трпение. Во опозиција жестоко ја напаѓаше Мила Царовска и освојуваше политички поени токму заради страната која ја зазеде против сексуалното и родово сензитивното образование и родовата идеологија, против истите идеолошки поими и гадости што сега, од позиција на министер, им ги наметнува на нашите деца. Тогаш го именуваше како „хаос“, „штетно“ и „експерименти врз децата“. Денес го прифаќа, потпишува и директно го спроведува без право на избор на учениците и родителите.
Кој ви дозволи? Имате ли активна родителска дозвола за овие гадости кои гледаме како завршуваат во САД?
Додека во САД јавно се прогласува родовата идеологија за екстремизам и се чисти од училиштата, кај нас министерката ја воведува преку задна врата како „слободен изборен предмет“.
Но, изборен е само затоа што децата можат да бираат КОГА МОРА да го изучуваат.
Ова е, всушност, задолжително сеопфатно сексуално образование по диктат на ХЕРА и нивната сегашна директорка Мила Царовска!
Ова лудило што уништува детски животи, што разорува цели семејства, а сега треба да биде во училниците на нашите деца е директна одговорност на Весна Јаневска!
Затоа што Весна Јаневска капитулираше пред кадрите на Мила Царовска во Бирото и „експертите“ на ХЕРА и пред којзнае уште кој. Ти, Весна, го продолжи токму она што го нарекуваше зло – само што сега си на власт и имаш печат.
Родители, време е да се освестиме и да дејствуваме бескомпромисно за да го тргнеме ова зло од образованието на нашите деца, бидејќи тоа е наше право и наша должност и долг кон нашите деца.
ЗАТОА ПРАШАЈТЕ ЈА ЈАВНО МИНИСТЕРКАТА ВЕСНА ЈАНЕВСКА:
Зошто во опозиција беше против, а сега го одобрува ова и вакво сексуално образование? Што се случи во меѓувреме?!
Весна Јаневска не е само лицемерка. Таа е жива слика на политичко предавство што мириса на гниење.
СПОДЕЛУВАЈТЕ ЈА ИНФОРМАЦИЈАТА И БАРАЈТЕ ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ПРОГРАМАТА.
Нашите деца не се експериментални глувци. Нашите деца не се на министерката. Не се на ХЕРА. Не се на екстремните левичарски идеолози.
Нашите деца се наши и ние, како родители, треба да застанеме против оваа идеолошка војна која министерката ја продолжи таму каде што застана Мила Царовска.
БАРАМЕ ЛИЧНА ОДГОВОРНОСТ ОД МИНИСТЕРКАТА ВЕСНА ЈАНЕВСКА ЗА ОВА ПОИГРУВАЊЕ СО ИДНИНАТА НА НАШАТА ДРЖАВА!!





















