Расте бројот на одобрени станбени и потрошувачки кредити за граѓаните во Македонија, соопшти Народна банка!

октомври 20, 2023

Вкупните депозити во септември, на годишно ниво, се зголемени за 8,9 отсто, како резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поголем придонес на секторот домаќинства, соопшти Народната банка. Годишниот пораст на кредитите, пак, е 5,8 отсто и произлегува од повисокото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес на секторот домаќинства.

Во септември 2023 година, паричната маса бележи месечен пад од 0,5 отсто, што во најголем дел се должи на намалувањето на краткорочните депозити и депозитните пари, а во помала мера и на пониските готови пари во оптек и долгорочните депозити до две години. Во споредба со септември претходната година, паричната маса е зголемена за 5,9 отсто и главно произлегува од зголемувањето на депозитните пари и краткорочните депозити, при помало позитивно влијание и на готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години, покажуваат податоците на Нардона банка.

„Вкупните депозити во септември, се намалија за 0,2 отсто на месечно ниво и во целост е одраз на падот на депозитите на корпоративниот сектор, при раст на депозитите на домаќинствата. Годишниот раст од 8,9 отсто произлегува од зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поголем придонес на секторот ‘домаќинства’. Во септември, вкупните кредити остварија месечно зголемување од 0,4 отсто, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, кредитите растат за 5,8 отсто што произлегува од повисокото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес на секторот ‘домаќинства’“., велат од Народна банка.

Оттаму информираат дека вкупните депозити на корпоративниот сектор, во септември, се намалиле за 1,4 отсто на месечна основа, главно под влијание на падот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари, во услови на забележан раст на долгорочните депозити. Годишниот раст од 15,7 отсто во поголем дел е одраз на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и долгорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор во септември бележат месечен раст од 0,5 отсто, во целост како резултат на зголемувањето на кредитите во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута. Во однос на септември минатата година, кредитите на корпоративниот сектор се зголемија за 5,1 отсто, што се должи на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес кон растот на кредитите во денари.

„Во септември, месечната стапка на раст на депозитите на домаќинствата изнесува 0,9 отсто во поголем дел поради зголемените депозитни пари и долгорочните депозити, додека помало позитивно влијание и на краткорочните депозити. Анализирано на годишно ниво, депозитите на домаќинствата забележаа раст од 6,8 отсто, што главно се должи на зголемувањето на долгорочните депозити и депозитните пари, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари, во услови на остварен пад на краткорочните депозити во странска валута. Кредитите на домаќинствата, во септември, остварија месечно зголемување од 0,3 отсто, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во странска валута, при позитивен придонес и на кредитите во денари. Годишниот раст од 6,4 отсто се објаснува со зголемувањето на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута“, се н аведува во соопштението.

Според податоците во него, во септември, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа месечен раст од 0,4 отсто и 0,8 отсто, соодветно, како и годишно зголемување од 6,0 отсто и 10,7 отсто, соодветно. Автомобилските кредити, во септември, се намалени за 1,5 отсто на месечна основа, при годишен раст од 15,5 отсто, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечно и годишно намалување од 0,6 отсто и 2,6 отсто, соодветно. Во септември, негативните салда на тековните сметки бележат пад од 1,1 отсто на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 7,9 отсто. Кредитите одобрени врз други основи, во септември, се намалија на месечно и на годишно ниво за 1,8 отсто и 17,4 отсто, соодветно.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ