Премиерот Христијан Мицкоски вчера на конференцијата за новинари рече дека според информации од Собранието првиот круг од локалните избори би се одржал на 19 октомври. Претседателот на Собранието Африм Гаши вчера изјави дека планирано е на почетокот на август пратениците да гласаат за распишување на локалните избори.
Вториот круг од локалните избори ќе се одржи две недели после првиот.
Гаши потенцираше дека подготовките за распишување на изборите се во финална фаза, а точниот датум ќе биде соопштен наскоро. Тој нагласи дека ова ќе обезбеди доволно време за сите политички партии и независни кандидати да се подготват за изборната кампања.
„Може да се распишат на 8 август. Сѐ ќе биде во рамките на роковите. Изборниот законик предвидува две важни одредби – прво, изборите да се одржат не порано од 70, а не подоцна од 90 дена по распишувањето. Втората важна точка е Законот за локална самоуправа кој предвидува изборите да се одржат во втората половина од октомври. Во рамките на овие периоди ќе ги распишеме изборите, најверојатно во првата половина од август“, рече Гаши.