Ефтим Ричлиев е избран за нов претседател на одбојкарскиот шампион ОК „Струмица 47&72“, информираат од клубот преку соопштение доставено до јавноста.
Во обраќањето, Ричлиев изразува благодарност до членовите на Собранието на клубот за укажаната доверба и изборот за претседател, посочувајќи дека ОК „Струмица 47&72“ е клуб со долга традиција и значајни успеси во македонската одбојка. Нагласува дека клубот обединува многу генерации успешни одбојкари и спортски работници и дека не припаѓа на поединци, туку претставува градски клуб кој работи согласно Статутот и законите.
Ричлиев потенцира дека, како и секој спортски колектив, клубот низ историјата имал и успеси и падови, а визијата за развој постои и понатаму, иако не секогаш се обезбедени средства и соодветни услови. Сепак, порачува дека ОК „Струмица 47&72“ ќе продолжи да се бори за нови резултати, додавајќи дека успесите на клубот секогаш биле и ќе бидат успех на градот и заслуга на сите, а не на поединци.
























