strumica denes logo

ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦЕ СПАСИ НЕ’: МОЛИТВА КОН ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА!

Автор:

Датум:

јануари 4, 2022

Автор:

Датум:

јануари 4, 2022

Дево Владичице, Богородице, Која во утробата си Го носела Христа, нашиот Спасител и Бог, на Тебе сета моја надеж ја полагам, Тебе Ти се покорувам, повозвишена од сите небесни Сили.

Ти, Пречиста, со Божествената Твоја благодат заштитувај ме. Животот управи ми го и кон светата волја на Твојот Син и Бог наш води ме. На прегрешенијата прошка дарувај ми. Биди ми прибежиште, покров, заштита и Раководителка, Која кон вечниот живот ме преведува. Во часот страшен на смртта моја, Владичице моја, не оставај ме, но да ми помогнеш побрзај и од горчливата тиранија на бесовите избави ме; зашто Твоето желание има сила тоа да го направи, како вистинска Мајка Божја и Господарка над сите.

Прими ги, преблагомилосрдна, сесвета Владичице Богородице, чесните и единствено на Тебе подобни дарови од нас, недостојните Твои раби, избрана од сите родови, Која си се покажала повисока од секоја небесна и земна твар, зашто преку Тебе Синот Божји Го спознавме, преку Тебе Господ на Силите до нас застана и со Неговите свети Тело и Крв се удостоивме. Ублажувана си од сите родови, Најбогоблажена, од Херувимите посветла и од Серафимите пославна. И сега, превоспеана, Пресвета Богородице, да се молиш за нас, недостојните раби Твои, не престанувај, за од секакви примки на лукавиот и од секоја незгода да се избавиме и неповредени од секој отровен напад да се запазиме. Но дури до крајот, со Твоите молитви, неосудени запази нѐ, та спасени преку Твоето застапништво и помош, секогаш да Му оддаваме слава, хвала, благодарение и поклонение на единиот во Троица Бог и Создател на сѐ.

Владичице добра и најблагородна, Мајко на благиот, себлагиот и преблагиот Бог, погледни кон молитвата на Твојот недостоен и непотребен раб со твоето милостиво око и постапи со мене според великата милост на Твоето неискажливо благоутробие и превиди ги моите прегрешенија, извршени со слово и со дело, со секое чувство, волно и неволно, во знаење и незнаење и целиот обнови ме, откако ќе ме направиш храм на сесветиот, животворниот и владичествен Дух, силата на Севишниот, Којшто ја осенил Твојата пречиста утроба и се вселил во неа. Зашто Ти си олеснение на обременетите, заштитница на оние во опасности, спасение на погодените од невреме, пристан на оние што се во бура, помошница и застапница на неволните.

Подари му сокрушение на Твојот раб, спокојствие на помислите, благостојност на разумот, целомудрен ум, трезвеност на душата, смирение на мислата, светодолично и трезвено расположение, благоразумен и урамнотежен нарав, светла прибраност на внатрешната душа, а и поредок и мир, какви што нашиот Господ на Своите ученици им дарувал. Да дојде молитвата моја во Твојот свет храм и во живеалиштето на Твојата слава; да потечат од очите мои извори на солзи, за да ме измиеш со сопствените ми солзи и да ме истриеш со потоците мои солзи, од скверноста на страстите очистувајќи ме. Избриши го списокот на моите прегрешенија. Распрсни ги облаците на мојата бездушност, маглата и метежот на помислите. Бурата и виорот на страстите оддалечи ги од мене и во безметежност и спокојство запази ме. Рашири ми го срцето со духовна широчина. Возвесели и израдувај ме со радост неизречива и со веселие непрекинато, за да зачекорам правилно по правите патишта на заповедите на Твојот Син, за да поминам со безукорна совест и непорочно поведение. Дај ми мене, кој Ти се молам, и чиста молитва, та со несмутен ум, со нерасеани помисли и со ненаситна душа, дење и ноќе, подробно да се поучувам во словата на Божествените Писанија, да пеам во исповедание и со радост на срцето да принесувам молитва, во слава, чест и величие на единородниот Твој Син и Господ наш Исус Христос, Кому Му прилега сета слава, чест и поклонение сега и во веки веков! Амин.