Во понеделник, на 12 мај 2025 година со почеток од 20:00 часот, на сцената на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе се одржи премиерата на театарската претстава „Мирандолина“ од познатиот италијански драмски автор Карло Голдони, во изведба на ученици од СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица.
Претставата е инспирирана од италијанската традиција на Комедија дел Арте, театарски жанр препознатлив по хуморот, сатиричниот пристап и живописните ликови, кои на публиката ѝ нудат забава, но и доза на критика кон општествените појави.
Режијата на претставата ја потпишува Васка Ангелова, додека ментор на учениците е Олга Хаџиева. Проектот претставува плод на ангажманот, креативноста и посветеноста на младите актери кои со ентузијазам го оживуваат духот на класичниот италијански театар.
Билетите по цена од 100 денари може да се подигнат од билетарата на НУЦК „Антон Панов“ на 12 мај (понеделник) во периодот од 08:00 до 15:00 часот. Резервации се вршат на телефонскиот број 072/233-012.
Публиката е поканета да ужива во едно незаборавно театарско доживување исполнето со смех, сценска магија и младинска енергија.