Во дворот на параклисот „Св. Јован Крстител“, на самиот влез во Василево, повторно беа поставени и осветлени грбот на Општина Василево и знамето на Република Македонија, симболи на идентитет, гордост и припадност.
Како што информираше градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов, со ова уредување влезот на Василево повторно добива препознатлив изглед и нова душа. Просторот, кој со години бил запоставен, сега повторно се уредува со љубов, почит и грижа.
Според Андонов, ова не претставува само обично уредување на јавен простор, туку и враќање на достоинството, како и потсетник за вредностите, корените и припадноста на локалната заедница.
Со ваквите активности, Општина Василево испраќа порака дека продолжува да работи на зачувување на симболите и местата што имаат особено значење за граѓаните, но и за идните генерации.



























