Македонските земјоделци според статистичките податоци повеќе садат пипер, а помалку домати.
Земјоделците велат дека садат поголеми површини со култури кои не бараат многу работа, прскање, заштита. Се фокусираат на она што е порентабилно.
„Полесни се пиперката и зелката за работа и нема многу трошоци за разлика од доматот и краставицата. Доматот треба да го плевиш, врзуваш и поскапо е семето. Поради работата и трошоците, ситуацијата е таква. Исто е и со краставицата“, вели Ристо Велков, од Синдикатот на земјоделците од струмичкиот регион.
Неколку култури сè помалку ги има на македонските ниви. Намалено е производството на овошје, сончоглед, домати и краставици, а зголемено на оризот и пиперот.
„Доматот бара повеќе прскање. Сигурно 7-8 прскања, а тоа повлекува и трошоци. И не трае многу, скапува, треба побрзо да се продаде. Ги садам старите сорти на домат. За пиперката има откуп и можете да ја дадете зелена, црвена и на низа можете да ги продадете сувите пиперки. Има повеќе опции за пиперката да се продаде. Домат садам помалку од порано, за половина помалку“, објаснува Јован Волчевски земјоделец од Битола.
Друг земјоделец од Чашка вели дека луѓето намалуваат со производство на повеќе култури, затоа што трудот не им се исплати.
„Сите мислат дека во земјоделството нема пари и намалуваат со работа. Ако имало 15 активни луѓе во Чашка што произведувале пипер и домати на големо, сега не остана ниту еден. Другите садат 3 реда, 5 реда за свои потреби. За што да сади? За да оди на пазар, да му речат скапо е? Јас имав 10 фолии, сега ниту една, а не отворено не успева како порано. И точно е дека доматите потешко се произведуваат од пиперките. Ако не ја погодите фазата на прскање на доматот, кога ќе го нападне болест, џабе сте трошеле пари за препарати и таков производ со дамки нема никој да ви го купи. Треба или да имате знаење или да имате среќа. Друга работа е што сме потценети и ако кажеш дека си земјоделец, те гледаат чудно“, објаснува земјоделец од велешко Чашка.
Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), значително намалување на производството кај овошјето е регистрирано кај јаболката за 51,2 отсто, кај крушите за 41,2, кај сливите за 46,1 и кај праските за 50 проценти. Поголемо намалување има кај сончогледот за 39,5 отсто, кај доматите за 23, кај краставиците за 34.3 и кај крмната пченка за 31,7 отсто.
Зголемување на производството имало кај оризот за 5,4 отсто и кај пиперот за 4,1 процент. Во 2023 година во Македонија имало 514.375 хектари обработлива површина.