strumica denes logo

ПОГОЛЕМ БУЏЕТ, ПОГОЛЕМИ ПЛАНОВИ: „ЗАВОД И МУЗЕЈ“ – СТРУМИЦА СО ПРОГРАМА ЗА 2026!

Автор:

Датум:

февруари 27, 2026

Автор:

Датум:

февруари 27, 2026

Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“ – Струмица денеска ја презентираше Годишната програма за 2026 година, на прес-конференција на која се обрати директорот Бранко Ѓоргиев.

Како што беше соопштено, вкупниот буџет за програмата за презентација, промоција и заштита на движното и недвижното културно-историско наследство, финансирана од Министерството за култура и туризам, изнесува 8.200.000 денари, што претставува зголемување за 1.700.000 денари во однос на минатата година.

Според најавеното, за реализација на програмските активности во музејската дејност се предвидени 1.500.000 денари за 14 проекти. Во оваа рамка се планираат активности поврзани со конзервација и заштита на движно наследство, етнолошки теренски истражувања, како и изработка на документација за фрескоживописот во црквите во селата Сачево и Смолари. Дополнително, ќе се работи на евидентирање црковни предмети од пет цркви во Струмичко со потекло од 19 век, изработка на етнолошко-антрополошки документарен филм, работилници за деца, како и подготовка на основен проект за музеј на вода – реконструкција на праисториска наколна населба во водите на Дојранското Езеро. Во план се и издавачки активности, како печатење зборници на трудови, монографии и други публикации.

Најголемиот дел од средствата – 6.500.000 денари – се предвидени за заштита на недвижното културно наследство. Програмата опфаќа конзервација на одбранбена кула кај с. Мокриево, конзервација и реставрација со археолошко доистражување на локалитетот „Мачук“ во Струмица, како и продолжување на реализацијата на Основниот проект за конзервација, реставрација и санација на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица (четврта фаза). Предвидена е и изработка на проект за непосредна заштита на црквата „Св. Атанасиј“ во с. Габрово, Гевгелиско, заштитни археолошки истражувања на споменичната целина Бања Банско (с. Банско), како и изработка на елаборати за валоризација/ревалоризација на повеќе археолошки споменици на културата во Југоисточна Македонија.

За издавачката продукција на „Завод и музеј“ – Струмица се планирани 200.000 денари. Годинава, како што беше посочено, ќе се подготви за печатење зборник со прилози од минатогодишниот меѓународен симпозиум по археологија, како и ново издание на зборник што првпат беше публикуван минатата година, со амбиција во иднина да прерасне во препознатливо и ценето меѓународно списание.

На прес-конференцијата беа издвоени и повеќегодишните капитални проекти. За реализација на основниот конзерваторски проект на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Струмица, како повеќегодишен проект, се наведува вкупна рамка од 15.000.000 денари, од кои за 2026 година се издвоени 5.000.000 денари. Понатаму, ќе продолжи реализацијата на основниот конзерваторски проект за санација на кровот на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча, со средства од 1.659.062 денари.

Установата ќе работи и на проект во партнерство со музеј во градот Кукуш (Р. Грција), како дел од ИНТЕРЕГ програмата на Европската Унија за периодот 2021–2027 година, преку кој се очекува изработка на кровна конструкција на античкото термално лекувалиште во с. Банско. За проектот што треба да се реализира во Кукуш и Струмица, беше посочено дека вкупно се одобрени 25.830.000 денари.

Како дел од најзначајните активности, најавено е и продолжување на завршните работи на Стариот струмички театар, за кој се предвидени 196.000.000 денари.

Од „Завод и музеј“ – Струмица информираа и дека институцијата и оваа година ќе работи со делегиран буџет, практика која, според кажаното, се покажала успешна и овозможила поефикасно планирање и реализација на програмските содржини од раководството и стручните тимови на установата.