ПОЕВТИНИ РИБИТЕ И ЦВЕЌЕТО: ИНФЛАЦИЈАТА ВО АВГУСТ 8,3 ПРОЦЕНТИ – ПОСКАПЕНИ СТОТИНА ПРОИЗВОДИ И УСЛУГИ

септември 9, 2023

Во август е измерена инфлација од 8,3 проценти. За толку е зголемен индексот на трошоците на животот во однос на ланскиот август. Индексот, пак, на цените на мало бележи зголемување од 5,6 проценти.

Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуаат дека индексот на трошоците на животот во август, во споредба со претходниот месец изнесува 101.2, а индексот на цените на мало 101.3.

За само еден месец, од јули до август, зголемување има кај свежото и разладеното овошје за 7,8 насто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за седум, сирењето и урдата за 3,2, млекото за 2,6, лебот и житата за 1,6, месото за 0,9, кафето, чајот, какаото за 0,8, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,6, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,4, пивото за 0,3 и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,2 проценти.

Долгата листа на стастистички нотираните нагорни промени продолжува со течните горива за домаќинствата за 11,4 проценти, воздухопловниот патнички транспорт за 9,2, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 6,7, ткаенините за изработка на облека за 3,9, туристичките аранжмани за 3,3, услугите за одржување и поправки на живеалиштето за 2,9, производите за домаќинството – нетрајни за два, гасот за домаќинствата, медицинските услуги за 1,5, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот за 1,3 проценти…

Намалување во однос на јули има кај рибата и морските плодови за 0,7 отсто, маслото и маснотиите за 0,5, јајцата, виното за 0,4 проценти..

Поевтини се и, како што се наведува, другите печатени материјали за 1,5 проценти, обувките за 0,7, игрите, играчките и хобијата, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,4, градините, растенијата и цвеќињата за 0,3 % и другите медицински производи за 0,2 отсто.

И статистиката потврдува дека цените земаат замав додека властите утврдуваат кој ги крева, дали производителите или трговците. И дали се делува здружено, како што се претпоставува, бидејќи преку одржувањето на цените со заеднички сили – се штити и профитот. При што конкурентските односи се поттурната на страна.

Без оглед што предложениот список од Министерството за финансии за тоа кои „основни производи за човечка исхрана“ треба да се даночат со пет проценти, опфаќа четириесеттина страници, извесно е дека повеќе од илјада производи ќе поскапат. Под влијание на стапката на ДДВ која ќе се зголеми на 10 проценти.

Инаку, инфлаторната стапка во јули беше 8,4 проценти, па оттаму и предупредувањата од економистите – не може да се смета дека инфлацијата е под контрола.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ