Со голема тага јавноста ја прими веста за смртта на прим. д-р Драган Христов, истакнат специјалист по ортопедска хирургија и долгогодишен медицински професионалец од Струмица.
Д-р Христов беше дел од ортопедскиот тим на болницата Аџибадем Систина уште од самото нејзино основање во 2010 година. Со своето богато искуство, стручност и професионален пристап, тој даде значаен придонес во поставувањето на темелите и развојот на ортопедската хирургија во болницата, оставајќи силен белег во македонското здравство.
Од менаџментот и вработените во болницата истакнаа дека д-р Христов бил не само врвен лекар, туку и човек од кого многумина учеле и црпеле инспирација во својата професионална работа. Неговата посветеност кон пациентите и поддршката кон колегите ќе останат трајно запаметени.
По повод неговата смрт, од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ упатија искрено сочувство до семејството, пријателите и сите кои имаа чест да го познаваат и соработуваат со него.
Вечна му слава.




















