По пауза од пет години, жителите на општина Ново Село повторно добија ноќна дежурна служба за итна медицинска помош во локалната амбуланта. Службата ќе работи секоја вечер од 19:00 до 07:00 часот, додека во текот на денот граѓаните ќе се обраќаат кај своите матични лекари.
Директорот на ЈЗУ „Здравствен дом“ Струмица, д-р Кирил Манчев, најави дека со почетокот на новата учебна година ќе биде активирана и стоматолошката служба, а наскоро ќе следува и реновирање на објектот.
Повторното отворање на дежурната служба е овозможено со поддршка од Владата и дел од пошироката акција за зајакнување на здравствените капацитети во регионот. На официјалното отворање присуствуваа пратеникот Петар Марков и градоначалникот Ѓорѓе Божинов, кои истакнаа дека ова значително ќе им го олесни пристапот до итна медицинска помош на жителите од општината.