Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека не се водат преговори во однос на химната и грбот, но и дека нема ни табу теми, и се разговара за се што е во интерес на граѓаните и државата.
„Во фокус ни е владината програма каде што има утврдени столбови, нема преговори во однос на химната, грбот, но нема ни табу теми, значи разговараме. Политички договор има за Владината програма која што има утврдени столбови како што се економскиот развој, живиотниот стандард, ЕУ-интеграцијата, враќање на правната држава, децентрализацијата, се секојдневно во нашиот фокус и целосно сме посветени на овие столбови. За другото нема преговарање, нема политички договор, но како Влада се што е во интерес на граѓаните и државата, разговараме, дебатираме, про и контра, тоа е на ниво на разговори, нема табу теми. Не сакам да навлегувам во нешто за што нема преговори, нема политички договор. Не криеме ништо“, изјави Меџити.
На прашањето дали има проблеми во коалицијата по однос на прашањето околу грбот и химната поради различни ставови на партнерите во власта, тој рече дека има една Влада и оти таа има демократски и политички капацитет да изнајде решенија на маса на база на аргументи.
Во однос на тоа дали со владиниот партнер разговараат за тоа кој ќе биде нов државен обвинител, вицепремиерот Меџити рече дека во принцип не зборуваат за име, туку дека тоа треба да биде професионалец кој треба да ја врати довербата на граѓаните во правосудството.
Тој потврди и дека доколку Министерството за правда го изготви предлогот за разрешување на актуелниот државен обвинител на кој забрзано се работи, тој ќе се најде на следната владина седница.
Во однос на тоа до каде е изработката на законот за правична застапеност и кога може да се очекува во Собрание, Меџити одговори дека се при крај, но не прецизираше датуми.
„При крај сме, нема да нагаѓаме денови. Се очекува последниот состанок, да се форматира Предлог законот и ќе бидете известени“, одговори Меџити, на новинарско прашање пред обраќањето на завршниот настан на проектот „Градење капацитети кон одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“.
Антикорупциската комисија во јануари годинава поднесе иницијатива до Уставниот суд за преспитување на таканаречената алатка „балансер“, бидејќи сметаат дека со ова се прават злоупотреби при вработувањата. Уставниот суд на 9 октомври го укина „балансерот“, по што од „Вреди“ најавија дека наскоро и официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност.