Од септември 2026 година се враќа средното полициско училиште, најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе функционира во пракса, Тошковски најави загарантирани вработувања за сите оние кои ќе завршат средно полициско училиште.
„Секој еден кој што ќе се запише на полициската академија во иднина во рамки на средното полициско училиште и успешно ќе го заврши ќе биде дел од структурите на Министерството за внатрешни работи, значи се гарантира вработување во министерството за внатрешни работи. За почеток, предвидено е да ги интегрираме во рамки на специјализираното средно полициско училиште оние ученици коишто ќе завршат втора година во рамки на останатите средни училишта, значи ќе започнат со школување во средното полициско училиште трета и четврта година“, рече Тошковски.
Во текстот на предложениот закон стои дека ова нема да предизвика импликации врз државниот буџет, а училиштето ќе биде во рамки на Министерството за внатрешни работи кое ќе биде надлежно за спроведување на образовниот процес. Наставните програми ќе ги утврдува и министерот за образование во соработка со министерот за внатрешни работи, а по претходно позитивно мислење од Бирото за развој на образованието и центарот за развој на стручно образование.