ОВА НИКОГАШ НЕ БИЛО, ЕДЕН ЃЕВРЕК ПОСКАП ОД КИЛОГРАМ БРАШНО: Ништо не може да ги запре цените на белите печива!

октомври 18, 2023

Граѓаните негодуваат дека и покрај намалените цени на брашното, маслото и другите производи, во бурекџилниците сè уште купуваат бели печива по високи цени.

Од пекарската индустрија објаснуваат дека секојдневно нивните трошоците за производство растат, па нема можност цените на нивните производи да се намалат. Според нив, проблем е и цената на работната рака, недостигот на работници, а ако продолжи трендот на зголемување на цената на нафтата и другите енергенси, кои се користат во индустријата ќе растат и цените на суровините и на пекарските производи.

Граѓаните кои секојдневно купуваат бурек и бели печива коментираат дека цените на овие производи се високи, а не ги намали ниту владината акција за гарантирани цени.

– Брашното е поевтино, маслото за јадење исто, а нашите бурекџилници никако да ги намалат цените на бурекот и белите печива. Никогаш еден ѓеврек не чинел колку и килограм брашно. Еве споредба брашно има и за 27 денари килограм-Битолското, и за 35 денари – Воденичар, или за 39 денари – Кадино. И маслото поевтине, го има и за 100 денари, ама ѓеврекот го купувам секое утро за 40 денари. Навистина го има и за 30 денари оној обичниот, но тоа е колку половина или килограм брашно. Да не зборуваме за бурекот или баничките и тие држат цена и се продаваат зависоно од филот од 60 до 80 денари четврт. Па има ли инспектори да проверат каде одат цените во бурекџилниците – вели скопјанин.

Слични коментари за цените на пекарските производи има и на социјалните мрежи.

„Повторно Брашното е 25 денари. Зејтинот 60 денари. Се најде ли некој еснаф пекар што ги намали цените на бурекот и печивата? Никогаш цената на ѓеврекот не била колку еден килограм брашно. Три дена никој да не им влезе во дуќан ќе видите како можело бурекот да биде 50 денари и ѓеврекот 15“, коментира граѓанин во група на Фејсбук.

– Пекарите не можат да размислуваат за намалување на цената на производите бидејќи нивните трошоци се драстично зголемени. Проблемот на пекарската индустрија е тоа што најголемиот број од нив се мали компании каде што процесот оди рачно, а има недостиг од мајстори пекари, па се принудени за да ги задржат да ги плаќаат поскапо. Згора на тоа цената на нафтата која се користи во производство, но и за транспорт ги зголеми трошоците за 100%. Истовремено се зголемија и цените на месото и млечните производи кои ги користат во производството, како и додатоците, сусамот и друго што секако влијае на крајната цена на производот. Значи во крајната цена на бурекот или ѓеврекот не влегува само брашното и маслото за јадење, туку и низа други производи и работната рака. Сето ова говори дека и да сакаат пекарниците не можат да ги намалат цените на производите – вели Горан Малишиќ, претседател на здружението на мелничко-пекарската индустрија на Стопанската комора.

Според него, доколку цените на енергенсите растат, што веќе е видливо поради војната во Израел, тоа ќе влијае и на цената на суровините во мелничко-пекарската индустрија, па неминовно ќе биде и цените на брашното и пекарските производи да растат.

Целосната вест може да ја погледнете на следниот линк: https://plusinfo.mk/ova-nikogash-ne-bilo-eden-evrek-poskap-od-kilogram-brashno-nishto-ne-mozhe-da-gi-zapre-cenite-na-belite-pechiva/?fbclid=IwAR15On5gTFvZwq0A86iPKaQobtfwDTbUU-fkS62TKkKLTWb3WivnQ9Jj7ak

ИЗВОР: ПлусИнфо

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ