Ново истражување направено во САД покажа дека за да се изгради и да се одржува колонија на Марс минималната бројка на луѓе која е потребна е 22.
Научно-фантастичните филмови го популаризираа концептот на патување во вселената и изградба на човечка колонија на Марс, но во реалноста тоа е исклучително комплициран инженерски проблем придружен со логистички предизвици. Суровите услови на Црвената планета бараат секое живеалиште на нејзината површина да биде самоодржливо. Изградбата на живеалиште на Марс од нула целосно зависи од идните истражувачи и нивните роботски помошници.
Во своите анализи научниците дискутирале за бројот на луѓе што е потребен за извршување на оваа задача, односно за изградба на самоодржлива колонија на Црвената планета. Истражувањето на Универзитетот „Џорџ Мејсон“ во Ферфакс, Вирџинија покажало дека се доволни само 22 луѓе за изградба на живеалиште на Марс, додека претходно се веруваше дека се потребни 110-мина.
Во новото истражување во обѕир биле земени различни критериуми, вклучително и човечкото социјално и психолошко однесување, како и суровата околина на Марс.
Истражувачите создале компјутерски модел на колонијата на Марс користејќи го моделот Agent-Based Modeling (ABM), кој се користи за анализирање на интеракциите помеѓу луѓето, предметите, локациите и времето. Тие, исто така, ги земале предвид претходните податоци за тимови со високи перформанси сместени во оддалечени средини со висок стрес, вклучувајќи подморници, експедиции на Арктикот, војна и Меѓународната вселенска станица.
Научниците го користеле овој модел за да го симулираат човечкото преживување на Марс земајќи ги предвид елементите како интеракцијата помеѓу индивидуите, нивните различни вештини, отпорноста и стресот. Ги додале и четирите основни психолошки особини на личностите: невротични, реактивни, друштвени и пријатни. Симулацијата вклучувала и променливи на марсовската околина, со која идните доселеници ќе треба да се соочат.
Компјутерската симулација е изработена за 28 земјени денови со различен број на луѓе во секоја група, од 10 до 170.
„Востановивме дека се потребни минимум 22 луѓе за долгорочно одржување на колонија. Дознавме и дека попријатните личности имаат поголема шанса за преживување“, се додава во истражувањето.
Луѓето со невротична особина почесто умирале во однос на луѓето со другите особини.