Астрономите открија мистериозен објект кој испраќа чудни сигнали од далечната вселена. Објектот, наречен ASKAP J1832-0911, емитува импулси од радио бранови и рендгенски зраци 2 минути на секои 44 минути.
Сигналите беа детектирани од австралиската радио опсерваторија Square Kilometre Array Pathfinder (ASKAP) и опсерваторијата за рендгенски зраци Чандра на НАСА. Во моментов, научниците не можат да го објаснат овој феномен. Решавањето на оваа космичка мистерија би можело да доведе до нови откритија во физиката, велат истражувачите. Резултатите од студијата беа објавени на 28 мај во списанието „Nature“.
„Овој објект е различен од сè што сме виделе досега“, рече водечкиот автор на студијата, астрономот Енди Ванг од Универзитетот Куртин во Перт, Австралија.
Нов физички феномен
Ванг сугерира дека ASKAP J1832-0911 може да биде магнетар (јадро на мртва ѕвезда со силно магнетно поле) или пар ѕвезди во бинарен систем, каде што едната од нив е високо магнетизирано бело џуџе.
Сепак, дури и овие теории не можат целосно да ги објаснат набљудуваните сигнали. Ванг додаде дека откритието би можело да укаже на нов вид физика или нови модели на ѕвездена еволуција.
ASKAP J1832-0911 припаѓа на класа на долгопериодични транзиенти (LPT), кои се ретки астрофизички феномени кои емитуваат радио бранови како космички светилници.
Објектот за прв пат е откриен во 2022 година, а астрономите досега откриле само десет LPT-а.
За разлика од традиционалните пулсари, кои се формираат во неутронски ѕвезди и емитуваат радио сигнали во интервали од неколку секунди или милисекунди, LPT пулсарите емитуваат импулси во интервали од неколку минути или часови. Претходно ова се сметаше за невозможно.
Дополнителни набљудувања и истражувања
Откако детектираа сигнали со телескопот ASKAP, истражувачите се свртеа кон опсерваторијата за рендгенски зраци Чандра, која случајно беше насочена кон истиот дел од небото. Набљудувањата го потврдија постоењето на ASKAP J1832-0911 и овозможија првото откривање на LPT во рендгенскиот опсег.
„Откривањето дека ASKAP J1832-0911 емитуваше Х-зраци беше како да пронајдете игла во пласт сено“, рече Ванг. „Радиотелескопот ASKAP покрива широко видно поле на ноќното небо, додека Чандра набљудува само дел од него. Имавме среќа што обете опсерватории го набљудуваа истиот дел од небото во исто време.“
Астрономите веруваат дека истовременото откривање на радио бранови и рендгенски зраци ќе помогне да се разјасни природата на појавата на ASKAP J1832-0911.За понатамошно проучување на мистериозниот објект, истражувачите планираат да спроведат дополнителни набљудувања користејќи парови радио и рендгенски телескопи.