Општина Василево доби грант од Европската Унија за реализација на проектот „Интеграција на креативен, дигитален, зелен и еко туризам за одржлив развој на територии и заедници во Кресна, Струмјани и Василево“ (Creative DG EcoTour), преку кој ќе се реконструира и опреми Домот на културата во село Градашорци.
Проектот се реализира во рамките на Програмата Interreg VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија 2021–2027, Приоритет 3 – Интегриран развој на прекуграничниот регион и има за цел да придонесе кон одржлив развој на прекуграничните заедници преку развој на креативен, дигитален, зелен и еко туризам. Главната цел е да се подобри туристичкиот потенцијал на регионот преку интегрирање на креативните индустрии, современите дигитални алатки и зелените решенија, создавајќи нови можности за локален економски развој и туристичка понуда достапна во текот на целата година.
„Како рурална општина сме навистина среќни што успеавме заедно со општина Кресна да добиеме ваков грант од ЕУ. Честитки до мојот тим за успешно завршено аплицирање и благодарност до општина Кресна и градоначалникот Николај Георгиев за досегашната соработка“, изјави градоначалникот Андонов.
Проектот претставува заедничка иницијатива на Општина Кресна како водечки партнер, Општина Василево, здружението „На Фокус“ од Струмјани, ДПТУ „Саси-Трејд“ ДООЕЛ Струмица, Лозарско-винарското здружение „Керацуда“ и Туристичкото друштво „Синаница 2000“. Вкупната вредност на проектот изнесува 967.379,08 евра, од кои 822.272,21 евра се кофинансирани од Европската Унија, додека буџетот на Општина Василево како проектен партнер изнесува 302.357,25 евра. Реализацијата на проектот е предвидена во период од 24 месеци.
Во рамките на проектните активности, Општина Василево ќе биде одговорна за реконструкција и опремување на Домот на културата во село Градашорци. Со инвестицијата е предвидено објектот да се трансформира во современ, функционален и енергетски ефикасен простор кој ќе служи како центар за културни, туристички и едукативни активности. Во него ќе бидат воспоставени:
– туристички информативен центар,
– музејска поставка посветена на Мис Стон и
– мултифункционална сала за организирање културни настани, конференции, изложби и други јавни активности.
Покрај инвестицијата во културната инфраструктура, проектот предвидува развој на нови интегрирани туристички производи, дигитални промотивни алатки, прекугранична соработка и активности за брендирање на регионот како атрактивна туристичка дестинација. Преку овие активности се очекува да се подобри туристичката понуда, да се поттикне одржливиот туризам и да се создадат нови можности за економски развој на локалната заедница.

Градоначалникот Андонов потенцира дека оваа инвестиција е резултат на одговорно, домаќинско и тимско работење, со јасна цел, подобрување на културниот и туристичкиот живот во општината. Граѓаните на Градошорци, според него, имаат посебна причина за задоволство, бидејќи токму нивното место ќе добие современ и функционален објект од големо значење.
Проектот Creative DG EcoTour претставува уште еден пример за успешна прекугранична соработка помеѓу партнерите од Северна Македонија и Бугарија, насочена кон заеднички развој на туризмот, зачувување на културното наследство и подобрување на квалитетот на живот во локалните заедници.





















