Општина Василево, предводена од градоначалникот Славе Андонов, е меѓу првите осум добитници на грант од Европската Унија во рамки на Приоритетната оска 3 од програмата ИПА ИНТЕРРЕГ. Средствата ќе бидат наменети за реконструкција на Културниот дом во населеното место Градошорци.
Грантот е обезбеден преку заедничка апликација со општина Кресна од Република Бугарија, со што Василево уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон развојот на руралните средини преку прекугранична соработка.
„Како рурална општина сме навистина среќни што успеавме заедно со општина Кресна да добиеме ваков грант од ЕУ. Честитки до мојот тим за успешно завршено аплицирање и благодарност до општина Кресна и градоначалникот Николај Георгиев за досегашната соработка“, изјави градоначалникот Андонов.
Проектот предвидува темелна реконструкција на постоечкиот објект и изградба на:
Туристички информативен центар,
Спомен-соба за Мис Стон,
Мултифункционална сала за културни настани и манифестации.
Градоначалникот Андонов потенцира дека оваа инвестиција е резултат на одговорно, домаќинско и тимско работење, со јасна цел, подобрување на културниот и туристичкиот живот во општината. Граѓаните на Градошорци, според него, имаат посебна причина за задоволство, бидејќи токму нивното место ќе добие современ и функционален објект од големо значење.