Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, денеска во својот кабинет одржал работен состанок со заменик генералниот директор на ЈП „Македонски Шуми“, Кире Михаилов, како и со директорот на подружницата за шумско стопанство „Беласица“ – Струмица, Николчо Тренчовски.
Според најавата, по иницијатива на градоначалникот започнува проект за озеленување на сите појаси околу градот, со фокус на површини подложни на ерозија и на т.н. „голини“. Од Општината посочуваат дека активноста, покрај визуелното подобрување на просторот, има и долгорочна цел – запирање на ерозијата на одредени критични точки, како и придонес кон прочистување на воздухот во Струмица.
Проектот, како што е истакнато, нема да биде краткотраен, туку ќе се реализира континуирано и согласно потребите на терен. Воедно, неговата цел е да ги обедини сите заинтересирани за учество – локалните и националните институции, граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата и граѓаните – во заедничка акција за позелена и поодржлива средина.
























