За само една година, цените на угостителските услуги во земјава поскапеле за дури 10 отсто. Процентот на поскапување, се разбира, е драстично поголем доколку се споредат 2019 и 2023 година, односно периодот пред корона-кризата и по неа.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека само од ноември до декември минатата година цените се зголемиле за 0,5 проценти, додека, пак, индексот на цените на угостителските услуги во декември минатата година, во однос на тој месец од претходната, е зголемен за 6,5 отсто.
Граѓаните коментираат на социјалните мрежи дека во Скопје, едно кафе чини над 100 денари, а некаде достигнува и до 150 денари, а нема чорба под 200 денари. Обична или кисела вода од 0,33 мл се продава меѓу 90 и 100 денари, додека онаа од 0,750 мл е од 150 до 180 денари, во зависност од локалот. Овие цени се идентични, а за некои артикли и поскапи од оние во Хрватска, Италија или, пак, на популарните туристички дестинации во Грција.
Според економските аналитичари, ова е очекувано, а се должи на неколку фактори. Еден од главните фактори е недостигот на работна сила, нема професионален кадар и мора да се наоѓа алтернатива. Од друга страна, и стандардите што се вметнати во тие услужни сектори се покачени, и сето тоа влијае на цената на чинење.
Но, освен цените на угостителските услуги, дали треба да очекуваме и раст на цените на храната и на пијалаците. Експертите очекуваат стабилизација на цените и значајно намалување, пред сè, на храната, но, сепак, велат дека остануваат ризиците, глобалните, односно геополитичките збиднувања, како и домашните фактори, како што се транспортните трошоци, цената на работната сила.
– Глобалните пазари пополека се приспособија, синџирите на набавка, кои беа прекинати, се прераспределија, односно имаме едно приспособување во таа насока. Дополнително економската активност следната година, глобална пред сè, ќе влијае на цените на храната и кај нас, кои ќе се намалуваат, односно ќе имаме надолен тренд, што дополнително ќе влијае на помала побарувачка. Тоа ќе предизвика притисокот на цените пополека да се намалува, меѓутоа не смееме да заборавиме дека ризиците од глобалното движење на цените на храната влијаат и кај нас. Геополитичките збиднувања брзо се менуваат, тешко може да се предвиди тоа. Имаме над 3.000 трговски ограничувања веќе воспоставени меѓу земјите, што дополнително може да предизвика промени и ескалација во таа насока – велат експертите.
Минатата година, инфлацијата во земјава изнесуваше над 9 отсто, а претходната 2022 остигна до 20 отсто. Во меѓувреме, последните пресметки на ССМ покажаа дека речиси илјада евра месечно му се потребни на едно четиричлено семејство за да го помине месецот. Истовремено, новата методологија за растот на трошоците покажува дека платите не растат доволно.