strumica denes logo

НИКОЛА МАЏУНКОВ Е ЕДИНСТВЕНИОТ ДОКТОР ГИНЕКОЛОГ ВО РЕГИОНОТ КОЈ ИЗВРШУВА ЛАПАРОСКОПСКИ ОПЕРАЦИИ – РЕВОЛУЦИОНЕРНА МИНИМАЛНО ИНВАЗИВНА ТЕХНИКА КОЈА ОВОЗМОЖУВА ПРИСТАП ДО ВНАТРЕШНОСТА НА АБДОМЕНОТ И КАРЛИЦАТА БЕЗ ПОТРЕБА ОД ХИРУРШКИ РЕЗ!

Автор:

Датум:

август 11, 2024

Автор:

Датум:

август 11, 2024

Во медицинскиот свет на Македонија, име кое се издвојува со својата експертиза и посветеност е Д-р Никола Маџунков. Тој е еден од ретките гинеколози во земјата кој извршува лапароскопски операции, револуционерна минимално инвазивна техника која овозможува пристап до внатрешноста на абдоменот или карлицата без потреба од хируршки рез.

Лапароскопијата претставува минимално инвазивна операција која значително го намалува времето за опоравување, заздравување и ризикот од компликации кај пациентите. Со оваа техника, Д-р Маџунков им помага на многу пациенти да се излечат од разни здравствени проблеми со минимални непријатности, минимална болка и брзо враќање консекојдневните обврски и нормалниот живот.

Неговата посветеност и иновации во областа на гинекологијата, го прават Д-р Никола Маџунков непроценлив дел од македонската медицинска историја. Со својата работа, тој поставува нови стандарди за квалитет и грижа, инспирирајќи ги идните генерации на доктори и медицински професионалци.

На наше задоволство, интервју со Д-р Никола Маџунков на оваа тема.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што точно претставува лапароскопијата и кога се користи?

Д-р Никола Маџунков: Лапароскопијата е минимално инвазивна хируршка техника со која правиме гинеколошки операции со помош на камера и монитор. Се прават неколку мали резови од по еден сантиметар, наместо голем рез и внатрешноста на стомакот се гледа преку камера на монитор и се оперира со специјални инструменти. Во минатото ја користевме оваа техника претежно кај помлади пациентки , за да ги намалиме ризиците од хируршки компликации со цел побрзо да постигнеме бременост. Меѓутоа денес со лапароскопијата можеме да ги правиме скоро сите гинеколошки операции на секоја возраст за да овозможиме побрзо закрепнување на пациентите со минимални ризици и многу помалку болка и помал престој во болница. Единствено кај онколошки пациенти во напреднат стадиум на болеста, лапароскопијата не е оправдана и не се користи.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како лапароскопијата се разликува од традиционалната хирургија?

Д-р Никола Маџунков: Разликата помеѓу лапароскопијата и традиционалната хирургија е во тоа што со традиционалната хирургија се прави голем рез и при нејзе ткивата и органите на пациентот се манипулираат со раце, многу повеќе и подолго од операторот. Сето тоа води кон подолго заздравување на пациентките, има поголеми ризици од инфекции, поголема болка и подолг престој во болница. Со тоа постоипоголем ризик за пациентот од компликации и во тек на операција и во постоперативниот тек. Пример ако пациентка со циста ја оперираме со традиционална техника, таа ќе има престој во болница од 4-5 денови и многу повеќе болка и ќе и треба повеќе денови да се врати на секојдневната рутина. За разлика од лапароскопијата каде пациентката си оди дома веќе наредниот ден, користиме многу помалку аналгетици и други лекарства а секојдневните активности започнуваат после вториот ден од лапароскопијата.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се најчестите причини за кои пациентите се упатуваат на лапароскопија?

Д-р Никола Маџунков: Традиционално, уште од самите почетоци, на светско ниво, лапароскопијата претежно се користеше кај млади пациенти кои имаат проблем со постигнување бременост, пациентки кои се борат со неплодност. Значи кај овиепациенткисо лапароскопија се бара причината зошто не може да се постигне бременост и во исто време се корегира, доколку се најде причината.

Денес лапароскопијата ја користиме скоро кај сите пациентки, како на пример операции на миоми каде се вади само миомот а матката останува, за поквалитетен живот. Се користи и за операции на циста на јајниците, бидејќи е попрецизна техника и скоро секогаш се вади цистата а не и целиот јајник. Денес техниката ја користиме и за разни третмани за спуштена матка,за подигнување, а многу често ја користиме и за целосна или делумна хистеректомија ( вадење на матка) доколку тоа е крајниот избор на третман.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Колку долго трае обично еден лапароскопски зафат?

Д-р Никола Маџунков: Лапароскопијата како оперативна техника е многу неблагодарна за операторот а најблагодарна и ефикасна за пациентот. Причината за тоа е бидејќи ние живееме во тродимензионален свет а со лапароскопијата оперираме во дводимензионален простор преку камера и монитор. Затоа времетраењето е секогаш малку подолго и поради специфичноста на инструментите операторот при операциите нема секогаш ергономска положба на рацете и тоа доведува до подолга крива на учење и совладување на оваа хируршка техника.
Тоа секако со искуството на операторот се сведува на минимум. Од друга страна целиот овој труд на операторот на крај се враќа со безбедност на пациентот и со брзо заздравување без болка.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се можните компликации при лапароскопија?

Д-р Никола Маџунков: Како и кај секоја хируршка техника, така и кај лапароскопијата постојат ризици и компликации. Меѓутоа тие компликации се многу помали за разлика од традиционалната хирургија и секако уште повеќе се намалуваат со искуството на операторот во користење на лапароскопската техника.

Еден од најчестите проблеми на кои се жалат пациентките е болка во десно рамо неколку денови после операција. Тоа настанува поради тоа што при лапароскопијата, за подобра визуелизација со камерата се користи гас CO2, со кој се исполнува стомакот. На крај од операција истиот тој гас кај некои пациенти останува во мала количина и додека да се ресорбира, прави дразба на нерв, која дразба се рефлектира како болка и нелагодност во рамо. Нопоследните години користиме специјални аспиратори со кои се трудиме овој проблем кај пациентите да го донесеме на минимум.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Дали сите пациенти се квалификувани за лапароскопија или постојат одредени контраиндикации?

Д-р Никола Маџунков: Младите пациентки се скоро секогаш кандидати за лапароскопски операции, доколку има потреба од оперативен третман. Кај повозрасните пациентки правиме дополнителни анализи за да провериме дали се кандидати, посебно ни е битно дали може да го издржат исполнувањето со гас CO2 во стомакот. Меѓутоа и кај нив оваа оперативна техника е скоро секогаш најдобар избор. Посебна корист од лапароскопската техника имаат пациентките кои се обезни или имаат поголема тежина, кај нив со оваа техника ризикот од инфекции на рана и проблеми со дишењето после операција се сведуваат на минимум.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се најновите технолошки достигнувања во лапароскопската хирургија?

Д-р Никола Маџунков: Лапароскопијата е тесно врзана со технолошкиот развој уште од самите почетоци. Како техника доби на популарност дури откако се развија компјутеризираните чип камери после педесетите години од минатиот век. Затоа денес имаме огромен развој кај оваа техника, имаме HD 4K монитори, имаме камери кои ни го олеснуваат распознавањето на ткивата и полесна визуелизација на крвните садови и ннервите.

За да го совладаме дводимензионалниот простор користиме и 3Д технологија. Инструментите кои ги користиме имаат подобра ергономија.Веќе лапароскопската техника се користи и за вагинални хирургија, која ја прави уште побезбедна и уште помалку инвазивна.

Како краен резултат на технолошкиот развој кај лапароскопските операции ја имаме роботиката, која претставува врвот. Користиме роботи над пациентот а операторот се наоѓа во друга просторија, специјална конзола од каде управува со роботот. Денес постојат многу лапароскопски роботи и со развојот на AI технологијата сметам дека тука ќе има уште многу новитети. Најпознат робот,кој секогаш се воодушевувам кога го гледам, е da Vinci роботот, и е вистинско технолошко чудо.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како се третираат различни гинеколошки состојби со лапароскопија (на пример, цисти на јајниците, ендометриоза)?

Д-р Никола Маџунков: Кај третманот на овие состојби секогаш е најбитно да се реши проблемот, пример ендометриозата или цистата, без да се предизвика штета на околното ткиво, односно што повеќе да се зачува јајникот. Лапароскопијата е прецизна техника со која ова се прави многу прецизно бидејќи користиме многу фини инструменти и во исто време користиме камера која прави огромно зголемување за да добиеме и поголема прецизност. Тука технологијата ни помага многу и многу ни ги олеснува и ги прави овие операциипобезбедни.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Какви резултати може да се очекуваат по лапароскопскиот зафат?

Д-р Никола Маџунков: После лапароскопијата скоро секогаш имаме добри резултати и пациентите се чуствуваат убаво и задоволно. Резултатите во однос на прецизноста и ефикасноста се многу поголеми за разлика од традиционалната хирургија.Во суштина денес можеме секоја операција да ја изведеме лапароскопски, што е голем бенефит за пациентките, посебно во новото модерно време на живеење. Пациентките немаат болки и нивното нормално функционирање е за неколку денови.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Колку често се применува лапароскопијата во вашата пракса?

Д-р Никола Маџунков: Се трудам лапароскопијата да ја користам скоро секогаш и денес скоро 90% од гинеколошките операци ги изведувам лапароскопски. Сметам дека се што е подобро за пациентите и секоја техника каде се применува најмодерна технологија е корисна и ефикасна и за пациентките и за лекарот .

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Дали лапароскопијата е секогаш најдобрата опција или има ситуации каде што е подобро да се користи традиционалната хирургија?

Д-р Никола Маџунков: Лапароскопијата е прекрасна, извонредна и модерна хируршка техника и се користи кај најголемиот дел од гинеколошки проблеми. Меѓутоа, како што кажав и на почетокот, оваа техника не се користи кај онколошки пациентки кои имаатвисок стадиум на болеста. Кај овие пациентки со најновите ставови се напушта и традиционалната операција и се користи зрачна или хемо терапија.

Меѓутоа лапароскопијата од друга страна е многу корисна кај онколошки пациентки во ран стадиум на болеста. Како прецизна техника, многу е корисна при лимфаденектомија односно за вадење на лимфните јазли за проценка дали онколошката болест во раниот стадиум е проширена или не, со што понатаму се користи прецизна хемо или радио терапија и многу често крајниот резултат е излекување на онколошка болест. Кај онколошките пациентки многу е битно да се објасни дека има момент до кога операциите помагаат и дека во понапреднати стадиуми операциите може да предизвикаат само полош резултат во лекувањето.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Докторе за крај,какви се вашите прогнози за иднината на лапароскопијата и нејзината примена во гинекологијата?

Д-р Никола Маџунков: Сметам дека како што се развива технологијата така уште повеќе ќе се развива и лапароскопијата, во однос на подобри камери и монитори за подобра визуелизација и разликување на ткивата. Во иднина ќе гледаме се поголема примена и на AI технологијата која ќе ни помага да донесеме подобри одлуки во однос на текот на секоја операција, за да имаме подобри ефекти и поголемо зачувување на здраво ткиво а со тоа и позадоволителни резултати за пациентките.

Се надевам и дека во блиска иднина ќе имаме можност за користење на роботиката во Р. Македонија како најнапреден лапароскопски третман за нашите пациентки.

Колку поголем ќе биде технолошкиот развој толку повеќе ќе се развива и лапароскопијата со што нашите пациенти ќе добиваат подобра здравствена услуга.