Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ можеби доби дозвола од организаторот на Австралија Опен за настап на турнирот, но Србинот заглави на аеродромот во Мелбурн. Тој скоро пола ден чека на аеродромот бидејќи нема дозвола за влез во сојузната држава Викторија, односно не било поднесено соодветно барање за виза.
За експресно да влезе во Австралија на тенисерот му е потребно да е вакциниран или да има медицински доказ за изземање на вакцинацијата. Вчера Ѓоковиќ сам обелодени дека добил дозвола за медицинско изземање и дека патува за Австралија.
Од тимот на Ѓоковиќ соопштија дека тенисерот и натаму се наоѓа на царина и ги чека понатамошните инструкции. Во меѓувреме поднесено е ново барање за влез во земјата и сега се чека да биде решен овој административен проблем меѓу сојузната власт и федералната влада. Се шпекулира дека најдобриот тенисер на денешницата може да заврши и во имиграциски притвор додека драмата да добие разврска.
„Немам поим што се случува, го држат мојот син во заробеништво пет часа. Ова е борба за слободен свет. Ова не е борба само за Новак, туку борба за целиот свет. Целиот свет мора да се побуни против стоката. Ако не го пуштат за половина час ќе се собереме на улица, ова е борба за сите“, изјави таткото на Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ е апсолутен рекордер, деветкратен освојувач на Австралија Опен и актуелен бранител на титулата и треба да настапи на турнирот кој е закажан од 17 до 30 јануари.