Од неофицијални извори, до нашата редакција пристигна информација дека Финансиската полиција денеска привела едно лице во врска со истрагата што се води за финансиска проневера во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп.
Според нашите сознанија, станува збор за сериозни сомнежи за злоупотреба на службената положба и овластување, при што биле присвоени неколку милиони денари од буџетот на установата. Приведеното лице се доведува во директна врска со овие дејствија и според првичните информации, веќе било спроведено на информативен разговор во надлежна институција.
Финансиската полиција засега не излегува со официјална изјава, но се очекува повеќе детали да бидат соопштени во наредните денови.
Ова е само еден од повеќето случаи што се испитуваат во рамки на поширока истрага за финансиско работење во здравствените установи во земјата.