Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски објасни дека за доматите, краставиците и пиперот не се намалуваат увозните царински давачки во октомври и ноември зашто тогаш производството е најголемо. Со тоа, рече, ќе се оневозможи маркетите и пазарите да бидат преплавени со домати, пипер и краставици од други земји.
Според Николовски, земјава секогаш ќе увезува и ќе извезува, но мора, пред се, да се штити домашното производство и да се овозможи, како приоритет, најпрво домашниот пазар да се снабди со наши, македонски производи.
-Изборивме клучните производи, за кои имаме производство во октомври и ноември, целосно да бидат изземени овие два месеца од Одлуката за намалување на царинските давачки. Тоа се доматите, краставиците и пиперот зашто, ако ги прочитате бројките, немаме поголем увоз, туку имаме три пати поголем извоз во овие два месеца. И во периодот кога е извозот, односно кога го имаме производството, царината нема да биде намалена. И оризот е целосно исклучен од Одлуката зашто беше предлог и оваа култура да биде со намалена царинска стапка. Има три пати поголем извоз во овој период и затоа не дозволивме да се намалат царините, за да не бидат пазарите и маркетите преплавени со други поризводи од надвор, изјави Николовски, одговорајќи на новинарски прашања.
На прашањето, зошто увезуваме кромид од Египет и пипер од Хрватска, Николовски повтори дека нашето производство го има и тука, но и се извезува.
-Да повторам. Три пати поголем извоз на македонски домати, пиперки и краставици има во следните два месеца, тоа се факти и бројки. За кој увоз зборуваме кога имаме три пати поголем извоз? Затоа е нашата борба, за клучните производи. Во ноември, декември, јануари и февруари, за жал, одредени производи немаме и тогаш, заради крајните потрошувачи, заради намалување на цените, логично е да се намалат и царините, рече Николовски.
-Во следните два месеца овие наши производи се барани, цената на регионалните пазари е поголема и од тоа нашите производители добиваат повеќе, не помалку. Но, навистина, сите имаме обврска и ќе ја спроведуваме кампањата во таа насока за да ја пратиме порака дека домашниот пазар и домашните потрошувачи треба да бидат задоволени од домашни производи. Значи, прво да ги задоволиме домашните потреби, па потоа да извезуваме. Знаеме дека цената на извезените производи е поголема зашто се барани овие македонски производи, но обезбедивме следните два месеца, во октомври и ноември, на барање на производителите, за овие производи чие производство ќе биде големо, воопшто да нема намалување на царината и Владата тоа го прифати, повтори Николовски.
Негова оценка е дека ако не се субвенциите, половина од производителите ќе се откажат и ќе ги напуштат нивите.