strumica denes logo

НЕДЕЛНА РУБРИКА СО Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Рана дијагноза и превенција – Сѐ што треба да знаете за Колпоскопијата!

Автор:

Датум:

септември 22, 2024

Автор:

Датум:

септември 22, 2024

Совети, колумни, прашања и одговори. Секоја недела во 14:00 часот со Д-р Никола Маџунков. Најдобра нега преку професионален и непосреден однос меѓу лекарот и пациентот. Оваа недела со Д-р Никола Маџунков зборуваме за Колпоскопија.

Колпоскопијата претставува метод со кој се прави преглед на грлото на матката ( цервикс ), вагина и вулва со помош на инструмент колпоскоп. Колпоскопијата обично се прави доколку има промени во резултатот на ПАП тест, после наод на ХПВ подолго време или во тек на рутински преглед доколку докторот забележи промени.

Колпоскоп е електричен микроскоп со осветлување, со кој грлото на матката го набљудуваме под големо зголемување. Во тек на колпоскопијата правиме и пребојувања на грлото за да може полесно да се забележат промените.

Доколку при прегледот забележиме сомнителни промени на грлото, се зема биопсија од таа позиција и се испраќа на испитување.

Улогата на колпоскопијата е што порана дијагноза на микроинвазивен карцином на грлото на матката.

Пациентките обично се многу исплашени и нервозни кога ќе им кажеме дека е потребна колпоскопија, но доколку се информирани за процедурата и знаат што да очекуваат од прегледот тогаш имаат многу помалку стрес и ја прифаќаат процедурата без паника.

Зошто се прави колпоскопија?

Колпоскопија правиме доколку:

Има промени на резултатот од ПАП тест

Подолго време има позитивен високоризичен HPV

Доколку има сукрвица после сексуален однос

Доколку при прегледот забележиме промени на цервикс

Со колпоскопијата може да дијагностицираме:

Преканцерозни промени на цервикс, вагина, вулва ( CIN, VIN, VaIN)

Карцином на цервикс

Генитални кондиломи

Инфламација на цервикс

Како да се подготвите за прегледот?

Колпоскопскиот преглед е брз, минимално непријатен и нема многу работи кои треба да ги направите за да бидете спремни.

Разговарајте со лекарот за да ви ја објасни процедурата.

Доколку постои можност за бременост, кажете му на лекарот.

Прегледот се прави кога нема менструален циклус. Блага сукрвица пред или после циклус е во ред.

Не користете вагинални тушеви или тампони 24ч пред преглед.

Пред преглед испразнете го мочниот меур.

Биопсија за време на колпоскопија

Биопсија за време на колпоскопија се прави доколку при колпоскопија се видат промени на цервикс, вагина или вулва, кои се сомнителни за преканцерозни промени. При секој преглед на колпоскопија секоја промена се нотира и се дава оценка. Доколку промената има висока оценка, тогаш веднаш се прави биопсија под контрола на колпоскоп.

Колпоскопијата е безболен преглед но за време на биопсија може да се почуствува болка, непријатност и крварење. Затоа биопсијата се прави со помош на локални анестетици со кои болката и непријатноста ги нема и моментот на биопсија не се чуствува.

Биопсија најчесто земаме од промени на цервикс ( грло на матка) но при промени на вагина или вулва, земаме биопсија и од тие позиции. Најчесто земањето биопсија од овие позиции е помалку непријатно.

Што кажуваат резултатите од колпоскопија?

Секој резултат и наод од колпоскопија се објаснува на пациентката и се даваат насоки дали се потребни понатамошни тестови или терапија. Најчесто после колпоскопија лекарот ќе ви каже дека е доволна само контрола после неколку месеци или една година.

Доколку се направи биопсија за време на колпоскопија тогаш е потребен период од неколку денови за да стигне резултатот од хистопатологија и тој ќе ни покаже дали постои дисплазија на грлото и ако постои од кој степен е. Од степенот на дисплазија ќе зависат понатамошните тестови или контроли.

После колпоскопија може да имате кафеав исцедок и ако не е направена биопсија тогаш функционирате нормално. Доколку е направена биопсија, можно е мало крварење и непријатност.

Колпоскопијата е многу корисна дијагностичка метода во борбата со цервикалниот карцином и често се случува да откриеме промени кои се во многу рана фаза кои се третираат минимално инвазивно и пациентката се излекува.